Обвинетиот Стојанче Јовановски ја изнесе својата верзија на настаните што доведоа до трагичната смрт на неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја, целосно отфрлајќи ја одговорноста за семејното насилство и за самоубиството.
Пред судијата Ивица Стефановски, Јовановски тврди дека бил жртва на „местенка“ од страна на сопругата и сведокот Мартин Саздов. Според него, Ивана го изневерувала со Саздов, а двајцата заедно му подметнале дрога во автомобилот. Тој индиректно го обвини Саздов за самоубиството на Ивана и за смртта на детето.
Јовановски кажа дека на почетокот брачниот живот им бил нормален, а за купувањето на станот пари дала неговата мајка. Првите сомнежи за верноста на сопругата се појавиле во 2022 година, кога мајката на Ивана поднела прва пријава за семејно насилство. Тој тврди дека ја послушал Ивана да не се разделуваат „заради детето“.
Обвинетиот ја раскажа и својата верзија за инцидентот на автопатот Штип–Скопје, кога ја оставил Ивана со детето на патот. Според него, Ивана сама ја отворила вратата од автомобилот, го зела детето и тргнала во спротивна насока. Тој вели дека се вратил да ги бара, но не ги нашол, а Ивана не се јавувала цела ноќ.
Јовановски тврди дека ги чува сите пораки од Мартин Саздов до Ивана, во кои сведокот ѝ се заканувал со објава на приватни видеа и дека се обидел да ја киднапира Катја од училиште. За инцидентот во населбата Ќерамидница, тој го отфрли сведочењето на Саздов и тврди дека самиот бил жртва на закани и физички напад.
За ударите кон Ивана, Јовановски ги нарече „замавнувања“, а за семејното насилство што траело со години и за кое Обвинителството прикажало видео-снимки, не кажа ниту збор.
Во текот на одбраната, секогаш кога ја споменувал ќерката Катја, обвинетиот плачеше и се фаќаше за главата.
Обвинителката Адела Бојчевиќ реагираше дека Јовановски прави обид да ја избегне кривичната одговорност спротивно на сите материјални и вербални докази. Таа се повика на психолошкото вештачење кое утврдило дека обвинетиот има изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината и префрлање на одговорноста врз други лица.
Вештаците од Судска медицина потврдија дека во крвта на покојната Ивана Јовановска не биле пронајдени алкохол, лекови или психоактивни супстанции. Таа имала понови и постари модрини на лицето. Кај обвинетиот, пак, во урината биле констатирани кокаин и дијазепам.
Завршните зборови на обвинителството и на одбраната се закажани за 28 април, по што судот ќе донесе пресуда. Стојанче Јовановски е обвинет за три кривични дела и му се заканува затворска казна до 11 години.
Обвинителката најави дека во завршниот збор ќе ја објасни и квалификацијата на смртта на шестгодишната Катја преку психолошкото вештачење на нејзината мајка.