Врз основа на член 75-в и член 77-г од Правилникот за натпревари на Фудбалската федерација на Македонија, Комисијата за натпревари донесе одлука за суспензија на теренот на Башкими во Куманово до донесување конечна одлука за инцидентите по завршувањето на вчерашниот првенствен натпревар со Струга.
Воедно, против Башкими и лицето Бурак Хида се покренува дисциплинска постапка, а предметот се доставува на понатамошно постапување пред Дисциплинската комисија на ФФМ.
Ова е привремениот епилог од немилите сцени по мечот од 28. коло во Првата македонска фудбалска лига, кој го добија гостите со 4:0, а Комисијата за натпревари при ФФМ констатира сериозни нарушувања на редот и безбедноста по завршувањето на натпреварот.
„По завршување на средбата, додека делегатот и судиската екипа сè уште се наоѓале на теренот, настанал инцидент во кој биле нападнати играчи и претставници на гостинската екипа од страна на лица поврзани со домашниот клуб и редарската служба. Во инцидентот се вклучило и лицето Бурак Хида, кое не било заведено во записникот, а кое физички го нападнало претставникот на гостинската екипа, Шаќири Мифтар, нанесувајќи удар во пределот на градите, по што следувале и вербални навреди и недолично однесување кон повеќе членови на гостинскиот тим.
Инцидентот траел околу 10 до 15 минути, по што со интервенција на полициските службеници, делегатот и судиската четворка биле безбедно спроведени во службените простории. Дополнително, делегатот побарал засилено полициско присуство со цел да се овозможи безбедно напуштање на стадионот од страна на гостинската екипа.
Исто така, на почетокот на натпреварот, делегатот го информирал претставникот на Министерството за внатрешни работи дека во случај на појава на навредливи содржини кон државата и ФФМ, натпреварот ќе биде прекинат. Оваа информација била пренесена до претставник на домашниот клуб, кој потоа влегол во вербална расправија со делегатот, оспорувајќи ја неговата надлежност“, се вели во соопштението на македонската „куќа на фудбалот“.