Фудбалерите на поранешниот македонски првак Струга се соочуваат со вистинска драма по првенствениот натпревар и убедливата победа над Башкими од 4:0 во Куманово, очекувајќи специјална единица на Министерството за внатрешни работи да ги евакуира од стадионот, објави „Спорт1.мк“.
„По завршувањето на средбата дојде до големо кошкање меѓу играчите на теренот, а потоа челниците на домашниот клуб вербално ги нападнале гостите и буквално ги заклучиле во нивната соблекувана.
Информациите од таборот на стружани велат дека никој од нивниот табор не бил удрен, но дека безбедноста им била загрозена, а биле и изложени на вербални навреди и пцовки.
Поради страв од ескалација на инцидентот, тие чекаат помош од припадниците на специјалната единица на полицијата со цел мирно и без проблеми да излезат од стадионот, а потоа и да го напуштат Куманово“, пишува порталот.
Струга со новата победа се зацврсти на третото место на табелата во првата македонска фудбалска лига, а дебитантот Башкими пет кола до крајот е шести, но само со четири бода повеќе од позицијата што води во разигрувањето за опстанок.