Македонија

СДСМ ќе ги бојкотира следните парламентарни избори, тврди екс партиски другар на Филипче

Мемов тврди дека техничката влада ќе важи за следните избори и ја обвинува опозицијата за ширење лаги и ги повикаа пратениците и членовите на СДСМ да не ги следат деструктивните сценарија на раководството кое, според нив, ужива во луксузни јахти и златни визи.

Движењето ЗНАМ – За денеска го обвинити опозицискиот СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче за длабоко неодговорен, деструктивен однос и уцени поврзани со измените на Законот за Влада.

Според портпаролот на партијата, Никола Мемов кој долги години беше во СДСМ, тврдењата на опозицијата дека Пржинската влада се укинува веднаш и без консултации се обична лага и манипулација и појасни дека со законските измени јасно е предвидено техничката влада да важи за следните парламентарни избори, по што овој модел, кој не постои во ниту една европска демократија, конечно би бил укинат.

Тој јавно го прозва раководството на СДСМ за најавеното повлекување од работната група за новиот Изборен законик, оценувајќи го овој потег како кулминација на нивните партиски игри и калкулации на штета на граѓаните и праша дали зад овие потези се крие однапред смислено сценарио за целосна блокада и напуштање на законодавниот дом со крајна цел која би значела бојкот на следните парламентарни избори.

„Дали ова е единствениот начин двоецот Филипче – Заев да го задржи влијанието врз партијата? Дали од лукративни причини се турка политика на конфронтација со новинари, истакнати поединци, па дури и со сопствени градоначалници и пратеници?“,
рече Мемов.

Тој рече дека актуелното раководство го довело СДСМ до историски најнизок рејтинг од едвај над пет проценти, ризикувајќи целосно да ја маргинализира партијата и упати директен апел до членовите, симпатизерите, пратениците и градоначалниците од редовите на опозицијата да бидат внимателни и да не дозволат да бидат вовлечени во сценарија што водат кон изолација и слабеење на институциите.

„Македонија заслужува стабилност, достоинство и напредок, и ние ќе продолжиме да работиме токму за таква иднина. Упатуваме повик до членовите и симпатизерите на СДСМ – бидете внимателни. Не дозволувајте да бидете вовлечени во сценарија што водат кон изолација, кон уништување на партијата, слабеење на институциите и оттргнување на државата од европскиот пат“ изјави портпаролот на ЗНАМ.

Мемов предупреди дека целиот товар од ваквите деструктивни политики ќе падне врз базата на партијата, додека, како што рече, двоецот Зоран Заев и Венко Филипче ќе остане изолиран од политичките последици, продолжувајќи да дејствува без отчет пред јавноста, уживајќи во моќта на златните визи и крстарејќи на луксузни јахти.

Најнови вести од: Македонија

To top