По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитник на првата награда за 2026 година е авторот Стефан Таневски, за трудот со наслов „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?“ (Can Institutional Integration of Western Balkans’ Stock Exchanges Strengthen Monetary Transmission?). Трудот се фокусира на каналот на цените на средствата, како механизам преку кој се пренесуваат сигналите на монетарната политика во економијата. Се посочува дека интеграцијата на берзите од Западниот Балкан може значително да ја подобри оваа трансмисија, преку побрза и поефикасна реакција на цените на акциите на промените во каматните стапки и монетарните сигнали, при што се укажува дека структурата на финансискиот систем е директно поврзана со ефективноста на монетарната политика.

По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба меѓу наградениот истражувач и гувернерот д-р Трајко Славески, директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика Султанија Бојчева-Терзијан (претседателка на Одборот за оценување трудови) и самостојните советнички во Дирекцијата за монетарна политика и истражување Даница Уневска Андонова и Дијана Јаневска-Стефанова (членки на Одборот), како и вицегувернерите Ана Митреска и Игор Величковски.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа во процесот на носење политики засновани на докази. Особен акцент беше ставен на поддршката што Народната банка постојано им ја дава на младите истражувачи, заради унапредување на истражувачката дејност во земјава. Имено, во изминатите дваесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност кај младите во областа на макроекономијата и банкарството, зголемувајќи го нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на економските политики.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 34-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка, а истовремено во година кога Народната банка слави и 80 години централнобанкарско работење во земјава.