Македонија

Стерјовски ја стави Албанија на тест во судењето по тужба од бугарска организација

Македонецот бараше судот да го одстрани агентот на бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност – ДАНС

Лидерот на македонската партија во Албанија Васил Стерјовски ја стави Албанија на тест во судењето по тужба од бугарски организација.

Стерјовски побара преведувач на македонски јазик на рочиште во Корча

На рочиште во Основниот суд во Корча, во рамки на постапката по тужбата поднесена од Фондација „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски од Бугарија против Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател Васил Стерјовски, обвинетиот побара од судот да му биде обезбеден преведувач на македонски јазик.

Стерјовски пред судот изјави дека македонскиот му е мајчин јазик и дека не ги разбира доволно правните термини на албански јазик, нагласувајќи дека обезбедувањето превод е неопходно за фер и правично судење.

На ова барање реагираа адвокатите на тужителот од адвокатска канцеларија во Тирана, ангажирани од фондацијата, кои тврдеа дека Стерјовски подобро зборува албански јазик од нив.

Тој, пак, појасни дека иако е албански државјанин, негов мајчин јазик е македонскиот и дека на него најпрецизно се изразува, инсистирајќи дека правото на преведувач е уставно загарантирано.
Во текот на рочиштето, адвокатите на фондацијата истакнаа и дека Стерјовски одбива спогодба и продолжува јавно да ја критикува работата на фондацијата во албанските медиуми.

Дополнително, Васил Стерјовски побара од судот да се ограничи присуството на лице кое го идентификуваше како агент на бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност (ДАНС), оценувајќи дека неговото присуство претставува притисок врз судскиот процес.

Судијката, одговарајќи на барањето, изјави дека рочиштето е јавно и дека присуството е дозволено за сите заинтересирани, додавајќи дека не го познава лицето кое се наоѓа во судницата. По нејзината прозивка, лицето се претстави како конзул на Бугарија, на што Стерјовски реагираше, тврдејќи дека не станува збор за дипломатски претставник, туку за агент на ДАНС.

Судијката Гентијана Шуколари го одложи рочиштето и го закажа следното за 30 јуни 2026 година.

На претходното рочиште Стерјовски, пред судот посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”.
Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.
Фондацијата „Бугарска меморија“ бара надомест на нематеријална штета во износ од 10.000 евра, поради наводно ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушиле угледот на организацијата.
Тужбата на фондација „Бугарска меморија” следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари 2024 година го испрати до албанскиот премиер Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.

Најнови вести од: Македонија

Неуспешните обиди на Бугарите да ги спречат Кажимјеж Фелешко и други полски македонисти во меѓународната афирмација на самобитноста на македонскиот јазик

Денес, на 3 јули 2026 година се навршуваат 25 години од смртта на истакнатиот полски славист и македонист Кажимјеж Фелешко, еден од големата низа полски македонисти, кој има дадено драгоцен придонес кон меѓународните студии на македонскиот јазик, третиран како засебен јазик во семејството на јужнословенските јазици. Оваа годишнина е повод за осврнувањето на научното творештво негово, но и на цела една голема низа други исто така истакнати полски македонисти, кои повеќе децении во континуитет се вклучени во студиите за македонскиот јазик, во македонистиката во Полска, а со тоа и во широката меѓународна афирмација за македонскиот јазик. Во овој контекст е посебно за истакнување и една од најголемите полски македонистки и членка на Македонската академија на науки и уметности Зузана Тополинска, која во 2020 година ќе изнесе шокантно сведоштво во интервју за „360 степени“ дека Бугарите ѝ нуделе дури и пари да се откаже од македонистиката и македонскиот јазик. „Бугарите се циркус, поради својата несигурност во врска со поради македонскиот јазик!“ – ќе каже академик Тополинска во тоа свое интервју. Во 2005 година професорката Лилјана Минова – Ѓуркова ќе изнесе уште еден вџашувачки момент: при доделувањето на почесниот докторат на науки на Станислав Гајда, полски филолог и македонист, од страна на Универзитетот УКИМ, Бугарите им упатувале и ултиматуми не само на група македонски македонисти, туку и на самиот Гајда, „да се откажат од Македонците и македонските дијалекти во Бугарија“! Ова Ѓуркова го напишала во соодветно полско списание во статија посветена на доделувањето на почесниот докторат на науки на Гајда, инаку полски филолог-македонист, како и член на Полската академија на науки.    

Ошлис: Македонецот Наум Охридски е европски просветител, но и дипломат, а Европа ако ја изгуби Македонија, набргу ќе се изгуби и саматата себеси! (3)

Големиот германски македонист проф.д-р Волф Ошлис силно ја застапува македонската историска перспектива и нагласува дека дејноста и традицијата на Свети Наум Охридски е дел од македонското јазично-културно и просветителско наследство. Во своите истапувања на Меѓународниот семинар за македонски јазик и култура во Охрид во изминатите години Ошлис ја ја аргументирал повеќе пати својата констатација дека Наум е еден од основноположниците на македонската култура, јазик, религија и наука, без никаква врска со други народи во Балканот. Во својот научен труд со наслов „Македонецот Наум Охридски и Германецот Регино фон Прим како европски дипломати“ Ошлис, дури, го означува македонскиот просветител и како еден од првите и тоа врвни европски дипломати, поради развиените контакти, што ги имал со тогашните владетели и видните личности од нивните царски дворови, во рамки на своето учество во тогашната Моравска мисија на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, започната во 863 година меѓу народите во Средна Европа.

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

To top