Македонија

Лажни часови за лична асистенција: Тројца од Штип добија кривична

Со лажни извештаи незаконски наплатувале услуги за лична асистенција на лица со попреченост

СВР Штип поднесе кривична пријава против три лица од Штип, осомничени дека со лажни извештаи незаконски наплатувале услуги за лична асистенција на лица со попреченост.

„Секторот за внатрешни работи Штип до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против Н.Џ. (50), Ѓ.Ј. (57) и Е.Џ. (44), сите од Штип, поради постоење основано сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, продолжено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“ и продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ велат од МВР.

Според полицијата, во периодот од 2022 до 2024 година, тие како ангажирани асистенти преку Црвениот крст не ги извршувале услугите во целост, но прикажувале дека ги реализирале сите работни часови.

„Со намера да се стекнат со противправна имотна корист, тие ја злоупотребиле службената положба и овластувањата, така што кај седум лица со попреченост – корисници на услугата лична асистенција од подрачјето на Штип, Свети Николе и Кочани нередовно ги извршувале задолжителните услуги согласно неделните и месечните планови. Иако услугите не биле извршувани во целост, пријавените изготвувале месечни извештаи со невистинити податоци за бројот на реализирани работни часови. Таквите планови и извештаи ги доставувале до Црвен крст, Општинска организација Неготино, од каде биле фактурирани до одговорните лица во ЈУМЦСР Штип и Министерството за социјална политика, демографија и млади“ стои во соопштението на МВР.

Со доставување невистинити месечни извештаи биле фактурирани средства кон надлежните институции, со што е предизвикана штета од 415.013 денари на буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Со ваквите дејствија, првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 162.120 денари, при што е предизвикана штета од 218.716 денари. Второпријавениот се стекнал со 129.966 денари, а предизвикал штета од 175.775 денари. Третопријавената се стекнала со 15.252 денари, при што предизвикала штета од 20.522 денари“ соопштија од МВР.

Најнови вести од: Македонија

Казината подалеку од училиштата – Законот за игри на среќа на јавна дебата во Собрание

Предлог законот предвидува во иднина казината да не смеат да бидат лоцирани во близина од најмалку 500 метри до училиштата, како и забрани за нивно рекламирање особено дека со нив се постигнува финансиски успех или пак кое е посебно насочено кон малолетни лица да се вклучат во игрите на среќа.

HELLENiQ ENERGY и Chevron го прошируваат стратешкото партнерство со нов договор за истражување во Јонското Море

Групациите HELLENiQ ENERGY и Chevron потпишаа нов договор за заедничко истражување на јаглеводороди во рамки на постојната концесија за Блокот 10 што се наоѓа во морскиот дел на Кипарискиот Залив, во јужниот дел на Јонското Море во Грција. Согласно договорот, Chevron ќе стекне 70% удел во концесијата и ќе ја преземе улогата на оператор, додека HELLENiQ ENERGY ќе задржи 30% од сопственичкиот удел.

Промовирана иницијативата за зачувување, обновување и одржлив развој на Галичник (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Галичник беше промовирана иницијативата на Месната заедница Галичник за зачувување, обновување и одржлив развој на еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет и традиција. Пред претставниците на дипломатскиот кор, меѓународните организации и бизнис секторот, како и во присуство на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер […]

To top