Македонија

Теодосиевски: Дали шарлатаните од сектата, што глуми партија, не гледаат дека со бугарските шизофрени услови за „Бугари во Устав“ се отвора бездна пред Македонија?!

Денес кај нас станува особено тешко да (си) разјасните дали одделни „групации“ – меѓу нив и оние што глумат политички партии и нивната „интелектуална“ клиентела – се навистина толку глупави па не разбираат за што се залагаат, дали сериозно не разбираат за што станува збор, или нивните (веќе) отворено антидржавни заложби кријат некакви „таинствени“ интереси… Зашто, дури и кога отворено и до детали го предочуваат „историјатот“ на македонско-бугарскиот спор со сите негови нецивилизирани услови и стапици, тие повторно ургираат за некакви „Бугари во Устав“ – и кои, оние 250? – и надминување на само ним познатиот „ќор-сокак“ во македонските евроинтеграции. И зарем кога го препрочитуваат историјатот на сите оние бугарски шизофрени услови навистина не разбираат за што таму станува збор? И веруваат во коренита историска пресвртница со просто внесување на 250 Бугари во Уставот? Каков црн „ќор-сокак“, зарем навистина не го гледаат отворениот пеколен амбис? Ова го пишува Златко Теодосиевски во својата колумна со наслов „Можно ли е да се толку глупави“?

Натаму авторот на колумната наведува во неа: Згора, сега им се погоди оној Радев – една ригидна, ветва, униформирана (во секоја смисла) личност и диригент на најжестокиот современ антимакедонски хор, кој (ќе) го подметнуваат во секоја прилика. А што е најсмешно, но и најзачудувачки, дури и сега кога ги разврзуваат приказните за почетокот и текот на бугарските условувања и вето за македонските евроинтеграции не можат (или не сакаат?) да ги видат будалестите до созли и детски наивни постапки на нивните „прогресивни“ газди во започнувањето на „преговорите“ со Бугарија, небаре си разменувале сликички од фудбалери или актерки! Во порно пози, разбира се, од типот „ја нему“ и „он мене“. Каква шарлатанско-политикантска мизерија. 

И онака најлефтерно ги позиционираат сите по ред барања на другата страна, од Делчев до македонскиот јазик, инсистирање на нота од Македонија со откажување од истоимениот географски регион во Бугарија, откажување од македонското малцинство во Бугарија, источната Рамковна позиција, некаков „пробив“ во т.н. Историска комисија… заедно со многу други групи барања што мора да ги исполни исклучиво македонската страна итн., итн. И го везат тоа како да се однесува на Гренланд а не на Македонија, уште да почнат да удираат таламбаси дека шизоидните пречки на Бугарија се логични и добрососедски мотивирани.

На крајот, останувате во недоумица за што всушност овде станува збор? Дали глупоста, користољубивоста, „идеолошката“ матрица и властољубивото гледање на работите надвладуваат овде над разумното размислување? Зашто, кога на крајот ќе ги сведете нештата по исполнувањето на сите бугарски барања – а тие со сигурност нема утре да исчезнат кога веќе преживеале векови! – која земја, со кој народ, јазик, култура… ќе биде членка на еу (малите букви се…)? Татаристан, Апсурдистан…, која? Мисли ли некој од слепциве на тоа? И повторно: можно ли е толку да се глупави? Не е можно, разбира се.

Зашто и во глупоста има некаков резон, има искри на разум и логика. Но кога за секретар за меѓународна соработка позиционирате „архитект“ кој, прво, нема поим што е тоа нато (малите букви се…), а веројатно и еу, но згора сака да држи лекции за меѓународна политика па пелтечи дека „Македонија никогаш досега немала министер за надворешни работи кој е толку невидлив, толку безгласен и толку ирелевантен на домашната и на меѓународната сцена“, значи дека глупоста отстапила место на нешто друго зашто, очигледно, ним им треба министер како оној кој го подготви Договорот со источниот сосед и го потпиша фамозниот Протокол бр. 2 којшто потоа станува „бисерот“ во круната на македонските евроинтеграции! И тие повторно би го потпишале, со двете раце.

И понатаму, истата таа некомпетентна персона сака и да навреди па тврди дека „Во време кога дипломатијата треба да биде најгласна, нашата молчи“! Ама нивната го подготви Договорот и Протоколот бр. 2, ја прифати т.н. Француска рамка и ќе возеше така до Брисел, преку Софија. И не им е воопшто важно што во изминативе две години се очигледни поместувањата во еу токму заради ставот на Македонија за нецивилизираниот притисок врз земја-кандидат од страна на земја-членка и целата „фон дер Лаеновска“ мангупска бирократија, не сакаат да ги слушнат повиците ниту од една Белгија, Словачка, Хрватска, Словенија, па и Унгарија… за непринципиелниот став на еу и неопходноста од менување на пристапот при одлучувањето за „спорови“ од билатерален карактер итн.

Тие повторно би ја вратиле приказаната назад, на нивната „хируршка дипломатија“ којашто не е само нема, глува и слепа туку е и тотално антидржавна, на нивното поданичко однесување кон секој диктат што доаѓа од Брисел, на нивната некомпетентност и неписменост, на нивната глупост… А всушност, повторно: овде веќе не станува збор за глупост. Кога и после сѐ, после сите бугарски барања и одбивањето да се дадат какви и да се гаранции дека таквиот непријателски притисок ќе сопре по промената на Уставот тие продолжуваат да вршат притисок дома за прифаќање на сите услови, тогаш станува збор за нешто што оди многу, многу подалеку и подлабоко од глупоста на неколкумина слепци седнати во фотелјите на една секта што глуми политичка партија.

И зарем кога го препрочитуваат историјатот на сите оние бугарски шизофрени услови навистина не разбираат за што таму станува збор? И веруваат во една коренита историска пресвртница со едно просто внесување на 250 Бугари во Уставот? Извинете, но ако некои овде се слепи и историски неписмени, се прават или се глупи, па и луди или се обидуваат да ги сокријат вистинските мотиви за своите постапки, кои и да се и какви и да се, зарем сите треба да се поклониме пред нив? Зошто?! – заклучува Златко Теодосиевски во својата колумна, која ја објави „Плус инфо“.

Најнови вести од: Македонија

Пркосот на масакрираната „Македонска сончева колона“ од Ваташа кон бугарските фашисти на 16.6.1943: Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!

На денешен ден, на 16 јуни 1943 година беше извршен Ваташкиот масакр, најголемото злосторство врз македонскиот народ за време на Втората светска војна во Македонија, покрај Дабничкиот колеж. Со намера да го спречи големиот подем на народно-ослободителното движење во Македонија, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста „Моклиште“ масакрира и стрела 12 Македонци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години. Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година започнува со офанзива за уништување на партизаните. Но, откако доживува неуспех, се нафрла и на мирното население. Врвот на бугарските погроми над цивилното македонско население е ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ. Дали и кога ќе дојде бугарски претседател, или премиер, во Ваташа да клекне пред масакрираните Македонци и да побара прошка во име на бугарската држава и народ, како што стори германскиот канцелар Вили Брант на 7.12.1970 пред споменикот на Евреите од Варшавското гето во Варшава, стрелани од германските фашисти? Тој дождлив ден германскиот канцелар Брант беше клекнат на колена само 30 секунди, но во таа половина минута испиша ново поглавје во германската историја. Дали може и бугарски политичар да испише денес ваква нова страница, вакво нови поглавје во нивната бугарска национална историја, засебна од македонската историја? Па дури тогаш да започне вистинска, нова ера на вистински македонско-бугарски добрососедски односи со заемно разбирање, признавање и пријателство?

To top