Македонија

Тошковски: Го одложуваме новиот Закон за внатрешни работи за СДСМ да остане и без последното алиби за изборниот дебакл што ги очекува

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа најави дека ќе предложи до пратениците во Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел тие да стапат во сила по завршување на следниот изборен процес

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа најави дека ќе предложи до пратениците во Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел тие да стапат во сила по завршување на следниот изборен процес.

Оваа најава, појасни Тошковски, следува по обвинувањата од опозициската СДСМ дека полицијата се партизира и дека новиот Закон за внатрешни работи е противуставен. Тошковски оцени дека станува збор за обид на опозицијата однапред да создаде алиби за изборниот пораз што, според него, ја очекува на наредните парламентарни избори.

– За да не им се даде алиби и да не им се остави простор да критикуваат и да бараат излезно сценарио, ќе предложам до пратениците во Собранието, најбрзо што може, измена со која и новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција ќе се одложат и ќе стапат во сила по завршување на изборниот процес – изјави Тошковски.

Министерот посочи дека, со оглед на тоа што редовните парламентарни избори би се одржале за околу две години, законите би требало да стапат во сила по истекот на тој период, односно по завршување на изборите. Според него, целта е изборниот процес да се одвива според истите правила кои важеле и досега, без можност опозицијата да тврди дека законските измени влијаеле врз условите за избори.

– Сè со цел да не им дозволиме ни најмала излезна варијанта во насока на наоѓање алиби кое би го оправдало нивниот дебакл на наредните парламентарни избори – нагласи Тошковски.

Тој додаде дека СДСМ, откако го изгубиле аргументот поврзан со техничката Влада, сега се обидуваат политичкиот фокус да го пренасочат кон новиот Закон за внатрешни работи.

– Претходно беше техничката Влада. Еве, сега остана техничката Влада за наредните избори. Денеска со соопштение се фокусирани на МВР и наводно противуставниот закон кој тие го детектирале, па сега тоа било проблем. Не смееме да дозволиме какво било алиби кое утре би можело да им биде основ да се повикуваат дека законот бил сменет и дека не им биле овозможени услови какви што тие барале – рече министерот.

Тошковски истакна дека предложените законски решенија се значително подобри од постојните, но дека во интерес на политичката одговорност и јавната доверба, нивната примена ќе биде одложена.

-Законските измени се неспоредливо подобри во однос на оние кои ги имавме со старото законско решение, но факт е дека нападот од страна на опозицијата е фокусиран токму тука – посочи Тошковски.

Во однос на иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот, министерот рече дека одложувањето ќе овозможи доволно време за институционална, правна и јавна дебата околу сите спорни прашања, без каков било впечаток дека се врши притисок врз Судот.

-Законот требаше да стапи во сила од 1 јули, но за да не излезе дека правиме притисок врз Уставниот суд, во овој период од две години ќе има доволно можност и време за дебата дали одредени законски одредби се исправни или не се исправни -, рече Тошковски.

Министерот порача дека полицијата ќе продолжи да работи професионално, законито и во интерес на граѓаните, а политичките обиди за создавање алиби нема да ја одвратат институцијата од реформскиот процес.

-Ќе го одложиме законот две години. Ќе стапи во сила откако ќе заврши техничката Влада, согласно истите правила на игра какви што биле и претходно – изјави заклучи Тошковски.

Најнови вести од: Македонија

Традиционално моштите на Свети Георгиј Победоносец во литија ја осветија Струга

По завршувањето на Литијата во дворот на храмот верниците повторно имаа можност да се поклонат пред моштите и чудотворната икона на светителот, а беше приредена и културно уметничка програма

Ѓорѓиевски: Камениот мост во срцето на Скопје добива нов сјај

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со градоначалникот на Есенлер Мехмед Тевфик Ѓоксу, на која меѓудругото разговарале неодамна потпишаниот Протокол за соработка, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост

(Видео): Пропаѓа ли викенд-туризмот кон Грција?!

Пресметавме дека тоа се некаде околу 250.000 туристи. Тоа се истите туристи кои што одат викенд четврток – недела или петок – понеделник во Грција и тие ќе бидат засегнати со овој систем. Другите кои имаат свои куќи, станови, приколки, тие секако ќе одат и ако треба ќе чекаат и по повеќе часови и ќе поминат граница – рече Керим.

Девојче (12) од Штип тепано, клоцано, снимано со месеци, адвокатката Ристова ги гони родителите на насилниците и снимачите! (Вознемирувачко видео)

Страотни снимки од насилство врз дете сподели адвокатката Маја Ристова, која посочи дека станува збор за врсничко насилство во Штип. На нив се гледа како на девојче му се удираат шлаканици, удирано со боксови по глава и тело, но и клоцано додека лежи на земја. Насилството, според наводите, се случувало на повеќе локации во градот. Во изминатиот период зачестени се случаите на врсничко насилство. Пред ова, јавноста беше потресена и од случајот во Ѓорче Петров, каде девојче, според информациите, било тепано, раскрварено, горено со цигари и присилувано на понижувачки дејства од група врсници.

To top