Свет

Покрај Македонија, Бугарија го блокира и Сан Марино за ЕУ!

Софија стави вето на договорот за Асоцијација поради спорот околу преземањето на Банката на Сан Марино од бугарски холдинг

Сан Марино ѝ се придружи на Македонија меѓу земјите на кои Бугарија им го блокира евроинтегративниот пат.

Ако втората меѓувладина конференција и вистинскиот старт на преговорите за членство на Македонија во Европската унија официјална Софија ги условува со впишување Бугари во македонскиот устав, во случајот со државичката со 34.000 жители во североисточниот дел на Италија станува збор за бизнис спор.

Процесот на асоцијација на Сан Марино со ЕУ е ставен во мирување поради изразените резерви од Бугарија за време на преговорите во рамките на ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија), што доведе до одложување на дискусијата закажана на Комитетот на постојани претставници во ЕУ (Корепер).

Веста за блокадата од Бугарија ја потврди државниот секретар за надворешни работи на Сан Марино, а приговорите од Бугарија го замрзнаа очекуваното одобрување од Советот, правејќи го потпишувањето на договорот, кое требаше да се случи до јули, неизвесно.

Тензиите меѓу двете земји произлегуваат од неодамнешниот контроверзен обид за преземање на Банката на Сан Марино од  „Старком“, бугарски холдинг предводен од претприемачот Асен Христов.

„Старком“ поднесе прелиминарна понуда за стекнување 51 процент од банката, ставајќи на маса над 36 милиони евра, од кои 15 милиони веќе беа депонирани како аванс. Сепак, операцијата беше блокирана од властите на Сан Марино поради извештаи од Агенцијата за финансиски информации, кои покренаа сомневања за нерегуларности, вклучувајќи приватна корупција, перење пари и лошо управување. Како одговор на блокадата, „Старком“ ја објави својата намера да побара меѓународна арбитража против Сан Марино, барајќи 150 милиони евра отштета за економски, репутациски и правни трошоци.

Утврден е шестмесечен период, почнувајќи од април, во кој може да се постигне договор пред арбитражата да стане конечна.

Кипарското претседателство со ЕУ, кое имаше намера да го затвори досието за време на својот мандат, сега се соочува со многу потесен прозорец за финализирање на преговорите.

 

Најнови вести од: Свет

Граѓаните на Исланд се задоволни од статус кво, повеќе сакаат сами да ги решаваат своите проблеми

Желбата за национален суверенитет го надмина аргументот дека членството во ЕУ е неопходен бедем против геополитичката нестабилност и американскиот претседател, Доналд Трамп, наведува бриселскиот аналитички магазин „Еуроактив“ во денешната анализа и додава дека и покрај заканите на претседателот Трамп кон соседниот Гренланд, привлечноста за приклучување кон големиот блок не успеа да ги освои гласачите во малата арктичка нација далеку од континентална Европа.

Спасил 900 деца – директор на училиште во Непал со благовремена реакција превенирал страшна трагедија

Имаше извештаи дека поплавата веќе ја зафатила нашата населба. Тогаш решив дека не треба повеќе да одложувам. Доколку ја донесовме одлуката десет минути подоцна, сите ние немаше да можеме да разговараме денес

To top