Иран купи руски борбени авиони Су-35, но ќе ги добие дури откако ќе заврши војната со Соединетите Американски Држави, изјави бригадниот генерал Мохамад Акраминија, претставник на иранските вооружени сили, во интервју за информативниот портал „Табнак“.
Според него, авионите требало да пристигнат уште пред почетокот на непријателствата. Генералот посочи дека сите неопходни подготвителни мерки се веќе завршени. Исто така, завршена е и обуката на персоналот што ќе управува со новите летала.
Во изјавата не се наведува бројот на купени борбени авиони, вредноста на договорот, ниту пак конкретен датум за испорака.
Акраминија изјави дека по завршувањето на војната иранските воздухопловни сили ќе станат помоќни и подобро опремени. Притоа, тој го поврзува идното зајакнување на иранската воена авијација со испораката на руските Су-35.
Сухој Су-35 е руски повеќенаменски борбен авион од 4,5 генерација, кој во моментов покрај оружените сили на Русија го поседуваат и Кина, потоа Етиопија, која веќе доби 12 летала, а Алжир има нарачано и добиено пратки од руските авиони Су-35 и Су-57.