Свет

Балкански хакер преку американски лобисти бара помилување од Трамп за криминал од 65 милиони долари

Против него се издадени потерници од повеќе земји.

Андеан Меѓедовиќ, канадски хакер од босанско потекло и вистински математички гениј, осомничен е дека извршил софистицирана хакерска измама и со тоа проневерил криптовалути во вредност од 65 милиони долари. Против него се издадени потерници од повеќе земји. Беше уапсен во Србија, но Високиот суд во Белград одби да го екстрадира во Холандија. По 105 дена поминати во притвор, тој беше ослободен, по што му се загубија сите траги.

Во моментов, преку американски лобисти, Меѓедовиќ се обидува да добие помилување од Доналд Трамп за да ја избегне повеќегодишната затворска казна што го очекува.

Меѓедовиќ е роден во Хамилтон, во канадската провинција Онтарио. Средното училиште го завршил на 14 години, а на 18 години веќе магистрирал по математика. Неговите родители емигрирале во Канада по војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите. Се сметал за математички гениј, но, според истрагата, го искористил своето исклучително знаење за да премине „на другата страна од законот“ и да натрупа богатство проценето на 65 милиони долари.

Меѓедовиќ е познат низ целиот свет како хакер кој, благодарение на своето длабоко математичко знаење и врвни компјутерски вештини, успеал да извлече милиони долари од две платформи за тргување со криптовалути – Indexed Finance и KyberSwap. Она што особено го привлекло вниманието на експертите е фактот што тој не само што ги крадел средствата, туку комуницирал и директно со своите жртви – однесување кое отстапува од вообичаениот профил на вакви хакери.

Кражбите во вкупна вредност од 65 милиони долари се случиле во периодот меѓу 2021 и 2023 година. Според истражителите, тој ги искористил слабостите и грешките во кодот на споменатите платформи.

Првиот хак со кој е поврзан се случил набргу по неговото рано дипломирање. Во октомври 2021 година, од Indexed Finance биле украдени 16 милиони долари преку навидум тривијална измама. Неговото корисничко име, кое го користел и при уредување на Википедија и на натпревари по програмирање, го поврзало со случајот. Иако траги постоеле, тие не биле доволно силни за апсење во тоа време. Судот во Онтарио издал налог за негово апсење во декември 2021 година.

На почетокот на 2023 година, Меѓедовиќ изјавил за DL News дека сè уште е во бегство и живее на остров чие име не сакал да го открие. Неколку месеци подоцна, средствата од хакирањето на KyberSwap почнале да се префрлаат во паричници поврзани со претходниот случај, што му овозможило на истрагата да го поврзе со двете големи кражби.

Неговото име повторно се појави во јавноста во 2024 година, кога беше уапсен во Белград врз основа на холандска потерница. Според документите од постапката за екстрадиција, Меѓедовиќ патувал во Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Шпанија и други земји.

– Ги негирам сите обвиненија наведени во барањето за екстрадиција и не сакам да одам во Холандија – изјавил тој тогаш, додавајќи дека би сакал да има деца во Србија и „да постигне некои други работи“.

Холандија го барала поради сомнение дека ја извршил големата измама од хотелска соба во Хаг, каде што се пријавил со лажен словачки пасош. По хакирањето, тој ненадејно го напуштил хотелот утрото, иако однапред платил за престојот за следниот месец.

Најнови вести од: Свет

Нетанјаху: Измислица се тврдењата за непријателство кон христијаните во Израел

Тврди дека Израел е единственото место во регионот каде што христијаните „напредуваат“, додека во соседните арапски земји биле „угнетувани, задушувани, а понекогаш и масакрирани“

Во една од најбогатите земји се враќа ќотекот како дисциплинска мерка во училиштата

Тој додаде дека училиштата ќе ја земат предвид зрелоста на учениците и ќе проценат дали таквата казна може да му помогне на детето да ја разбере сериозноста на своето однесување и да научи од своите грешки.

„Потполно неприфатливо“: Трамп го одби мировниот предлог на Иран

Иранскиот план повикува на прекин на војната на сите фронтови и предвидуваа САД да мора да платат воени репарации, а Техеран, исто така, побарал целосен суверенитет над Ормутскиот теснец, укинување на санкциите и ослободување на запленетиот ирански имот

To top