Македонија

Мицкоски: Коридорите 8 и 10 се клучот за забрзан економски раст (ВИДЕО)

Мицкоски оцени дека со постоечките и најавените странски инвестиции го исцрпуваме човечкиот капацитет, па затоа треба да се насочиме кон нови, регионални проекти, особено оние што вклучуваат вештачка интелигенција и ќе нè обединуваат.

Поврзувањето е единствената вистинска предност и единствената равенка за постигнување поголем економски раст – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на Самитот 2026, организиран од „Македонија 2025“. Годинешниот самит се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.

„Ние треба да го изградиме темелот, а го немаме и тоа е суштината. Кога ќе го поставиме прашањето која е компаративната предност на државата, единствената што ја имаме во однос на конкуренцијата во регионот и во Европа е токму тоа што сме место на поврзување на два значајни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8. Тоа значи поврзување на северна со јужна Европа, односно на централна Европа со Медитеранот преку Егејското Море, како и на Јадранското и Јонското со Црното Море преку Коридорот 8. Сè друго како компаративна предност може да се најде кај која било друга земја во регионот или Европа. Ако тоа го реализираме, тогаш можеме да развиваме сè“, истакна Мицкоски.

Презентирајќи ги активностите за изградба на автопати, железница, енергетско и гасно поврзување, премиерот нагласи дека завршувањето на овие проекти ќе биде прв приоритет на Владата.

Мицкоски оцени дека првите два месеци од годината економијата почнала добро, но потоа избувнал конфликтот на Блискиот Исток, кој влијаел врз политиката и економијата во целиот регион. За разлика од други држави, Македонија влегла во решавање на проблемот и прилично успешно се справува со предизвиците. И покрај големите фискални откажувања, благодарение на принципот на економија на обем, буџетот не само што не страда, туку и ги надминува очекувањата.

„Тоа значи зголемена потрошувачка на бензини и дизел, што позитивно се одразува на буџетот, а истовремено имаме најниски цени на горивата во регионот“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека во последните две години има зголемување на БДП, но дека тоа не е доволно. Потребни се големи цели, но и реално споредување со состојбата.

„Имаме шест квартали по ред со над 3,5 проценти реален раст. Оваа година, според Меѓународниот монетарен фонд, ќе стигнеме до номинален БДП од 22 милијарди долари. Разликата помеѓу она што ќе го завршиме годинава и она што го имавме на почетокот од 2025 година покажува дека номиналниот БДП за овие две години пораснал трипати повеќе отколку во целиот период од 2018 до 2023 година. Тоа не е доволно, но мораме да бидеме реални – нашиот најголем трговски партнер има 2,5 пати помал раст, што логично се одразува и кај нас“, додаде премиерот.

Мицкоски оцени дека со постоечките и најавените странски инвестиции го исцрпуваме човечкиот капацитет, па затоа треба да се насочиме кон нови, регионални проекти, особено оние што вклучуваат вештачка интелигенција и ќе нè обединуваат.

Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевска, на отворањето на Самитот истакна дека Владата има огромна одговорност, но не е единствениот носител на промените.

„Растот е задача на сите – на институциите, на компаниите, на образованието, на семејствата, на политичарите, на граѓаните, на дијаспората и на секој што живее во Македонија. Ако сакаме Македонија да оди напред, секој од нас мора да ја направи својата работа подобро. Институциите мора да бидат поефикасни, компаниите похрабри и поконкурентни, работниците да имаат пристап до нови вештини и волја да се усовршуваат, универзитетите да создаваат знаење релевантно за иднината, а граѓаните да бараат отчетност и самите да живеат според правилата што им ги поставуваат на другите“, порача Мојсоска-Блажевска.

Најнови вести од: Македонија

Манасиевски: Со што е уценет Филипче за да води антимакедонска политика? (ВИДЕО)

По доаѓањето на новата власт во Бугарија, Филипче не почека ниту ден, веднаш се стави на располагање на Румен Радев, и директно изјави дека доколку тој биде на власт, секое едно барање на Бугарија, тој за власт секако дека ќе го исполни

Запрена истрагата против Ратко Капушевски и „Пуцко петрол“ за набавката на мазут

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, во која беа опфатени 13 лица, меѓу нив и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ.

ВМРО-ДПМНЕ: „Пиунот на Румен Радев се вика Венко Филипче“

Само СДС, Венко Филипче и лојалистите на Заев кои лично ги постави во партиските структури веруваат дека уставните измени се последната пречка за Македонија и бараат нивно спроведување без никакви гаранции

To top