Бизнис

Државата со 185.000 евра ќе ги стимулира занаетчиите, малите и средните претпријатија

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека целта на поддршката е да им се помогне на домашните компании да го модернизираат производството и да ја зголемат продуктивноста, создавајќи истовремено и подобри услови за работа.

Министерството за економија и труд со 11,3 милиони денари или околу 185.000 евра ќе стимулира микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии, информира министерот Бесар Дурмиши, наведувајќи дека јавниот повик за финансиската поддршка е веќе отворен. Според јавниот повик, со овие средства ќе се кофинансираат 40 отсто од трошоците што овие фирми и занаетчии ќе ги направат и ќе поднесат доказ за тоа, но нема да се исплаќаат повеќе од 200 000 денари, односно околу 3 252 евра.

Поддршката, како што информира Дурмиши, се однесува на инвестициите реализирани во текот на минатата и оваа година, а право на учество ќе имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии кои ја регистрирале својата дејност согласно законските прописи. Фирмите и занаетчиите ќе имаат можност се пријават на јавниот повик до крајот на следниот месец, односно до 30 јуни, до кога е крајниот рок за аплицирање.

Министерот за економија и труд вели дека целта на поддршката е да им се помогне на домашните компании да го модернизираат производството и да ја зголемат продуктивноста, создавајќи истовремено и подобри услови за работа.

  • „Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој“, изјави министерот.

Покрај за оваа мерка, министерот информира дека во наредниот период ќе бидат објавени и други два јавни повика, кои ги оцени како значајни, а се во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година. Првиот јавен повик, како што појасни тој, ќе се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што ќе бидат издвоени два милиони денари или околу 33 000 евра.

  • „Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари по компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на добавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност“, наведе министерот.

Вториот јавен повик, кажа тој, е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени пет милиони денари (81 300 евра), а кофинансирањето, исто така, ќе изнесува 70 отсто од трошоците, но не повеќе од 500 000 (8 130 евра) по проект.

  • „Токму поврзувањето на бизнис секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија“, рече Дурмиши.

Тој ги повика сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги следат условите од јавните повици и да аплицираат, а сите детали, услови и потребни документи ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): Над 2.800 апликации за грантови за отворање на сопствен бизнис, инфо-денови во Ресен, Охрид и Кичево

Голем интерес има за јавните повици од мерката за Претприемништво – Самовработување со грант од Оперативниот план Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, а минатата недела се пристигнати над 2.800 апликации, информираат од Министерството за економија и труд.

Модернизација на Железницата – Ќе се купуваат нови возови и електрични локомотиви

Со грант од еден милион евра од Светската банка почнува процесот на реформирање и модернизација на „МЖ-Транспорт“. Средствата се наменети за преструктурирање на претпријатието, додека паралелно се најавува набавка на нови патнички возови и најмалку пет електрични локомотиви.

За три години во Македонија влегле над 11 милиони килограми млеко во прав

Додека официјалните статистики покажуваат раст на увозот на млеко во прав, домашните производители на млечни производи тврдат дека на македонскиот пазар во моментов залихите на млеко се поголеми од побарувачката и дека млекото во прав речиси и не се користи во производството на млечните производи. Истовремено, бројките покажуваат дека домашното производство на кравјо млеко повторно расте, но сè уште не го достигнало нивото од пред неколку години.

(Фото): Младите во фокус на Оперативниот план за вработување, 58% од планот е наменет за нив

Јавните повици за мерката „самовработување“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година се активни до 3 јули 2026 година, информираа од министерството за економија и труд по денешните информативен каравани во Куманово, Гевгелија и Кавадарци. Преку оваа мерка невработените можат да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис.

To top