Фудбалерите на Вардар ќе поделат вкупна премија од 250 илјади евра за 12. титула првак на Македонија, обезбедена со вчерашната победа од 1:0 во Струга во претпоследното коло, објави претседателот на клубот Миленко Неделковски.
Веднаш по дербито со досегашниот шампион Шкендија в недела од 17 часот во Скопје најтрофејниот македонски фудбалски клуб ќе организира прослава на освоениот шампионски пехар во 34. сезона од Првата македонска фудбалска лига.
Потоа „црвено-црните“ ќе заминат на одмор, а собирот за наредната сезона, во која ги очекуваат квалификациите за Лигата на шампионите, е закажан за 8 јуни. Три дена подоцна новиот шампион на Македонија заминува на подготовки во Норчија, Италија.