Свет

Бугарите и Романците на „пик“ во Германија поради измами со социјалната помош

Криминални групи на мигранти од овие земји им изнајмуваат очајно лоши живеалишта за високи кирии што ги плаќа „социјално“

Мигрантите од Бугарија и од Романија се најдоа на удар од повеќе германски градови поради измами со социјалната помош, според репортажа на германската телевизија АРД од градот Хаген во Рурската област.

Криминални групи им изнајмуваат живеалишта со крајно лоши услови на доселеници од две балкански земји, а наплаќаат високи кирии, од кои значителен дел се покрива со социјални бенефиции и на тој начин го изигруваат германскиот социјален систем.

Во Хаген, со околу 200.000 жители, живеат околу 7.000 граѓани од Бугарија и од Романија, од кои повеќе од половината користат социјална помош, вклучително и за покривање на трошоците за сместување, што ја чини локалната самоуправа меѓу 10 и 15 милиони евра годишно.

АРД посочува дека граѓаните на ЕУ можат да стекнат право на социјална помош дури и со минимален ангажман од неколку работни часа неделно. Иако институциите имаат можност да го одземат правото на престој и работа, а со тоа и на социјални бенефиции, во Хаген тоа во текот на минатата година се случило само трипати.

Во Гелзенкирхен, пак, биле одбиени барања за социјална помош на 500 лица од Бугарија и од Романија, што претставува секој десетти апликант. Тамошните власти бараат работниците од ЕУ сами да обезбедуваат најмалку една третина од својата егзистенција и спроведуваат построги контроли.

Според АРД, во Дуизбург живеат околу 26.000 граѓани од Бугарија и од Романија, од кои 11.000 добиваат помош од Бирото за вработување.

 

 

Најнови вести од: Свет

To top