Европа мора да внимава да не падне од центарот на вниманието во меѓународните односи, предупреди директорот на Институтот за германска економија (IW), Михаел Хитер во контекст на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина.
- „Европа не игра никаква улога тука. Во ред, тоа е билатерална средба, но едноставно е јасно дека мора да внимаваме да не паднеме од работ“, рече Хитер.
Според него, ова се однесува и на трговските ограничувања, критично прашање за извозно ориентираната германска економија. Хитер оцени дека Европа мора да ја води својата трговска политика со поголема самодоверба.
- „Не можеме само да чекаме додека во Белата куќа не добијат нова инспирација“, рече тој, укажувајќи на непредвидливоста на Трамп и додавајќи дека Европа мора да постави јасна трговска политика со Кина.
Директорот на влијателниот институт рече дека европско-американските трговски односи се неурамнотежени по прашањето на царините.
- „Американските царини за увоз од Европа се 15 проценти, а царината против Кина, која беше 50 проценти, беше укината со пресудата на Врховниот суд на САД“, рече Хитер, пренесува ДПА.