Мицкоски рече дека нема да ги коментира навредите и инцидентите што се случиле за време на протестот. „Ајде, навредите нема да ги коментирам, тоа е сепак домашно воспитување што во првите 7 години од животот се стекнува, нема да го коментирам ни оној инцидент насилен, којшто се случи“, укажа тој.
Премиерот спомена и, како што рече, „надворешни мешања“ во внатрешните работи на Македонија. „Нема ни да ги коментирам ни надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија на некои надворешни фактори, тоа сѐ ќе го оставиме како фолклор“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата работи на „трајно решение“ за ова прашање. „Она коешто ние како влада во моментов го работиме е да се обезбеди трајно решение со коешто овој, но и низа други проблеми коишто ги наследивме од минатото, ќе бидат решени“, кажа премиерот.
Мицкоски ја нападна и ДУИ, истакнувајќи дека како партија имала 20години време да ги реши овие прашања, но наместо тоа, решавала „лични прашања“. „Го осудувам однесувањето на опозициската Демократска унија за интеграција, бидејќи тие имаа можност 20 години да ги решат овие прашања, но ништо не направија, ама затоа решија многу лични прашања“, рече тој.
Во продолжение, Мицкоски додаде: „Ако ја споредите имотната состојба, ќе видите како од голтари се станува милионери, на грбот на националните пароли и на грбот на луѓето коишто мака мачат како од први до први да го поминат месецот“.