Откако лидерот на СДСМ Венко Филипче, предложи Собранието со уставните измени да го внесе бугарското малцинство во уставот, како услов за продолжување на патот кон ЕУ, од владејачката партија стигна конта-предлог.
Говорејќи од име на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Миле Лефков во интервју за ТВ 24 изнесе предлог до СДСМ и Филипче.
„Еве ви контра-понуда, ајде заедно да се обединиме и да побараме гаранции од ЕУ дека по евентуални уставни измени, Македонија нема да биде блокирана поради билатерални прашања. Можеби ако имаме заедничка позиција може да издејствуваме подобри гаранции. Пренесете му го тоа на Филипче како контра-понуда од нас“, изјави за 24 Анализа Лефков.
Лефков, зборувајќи за евроинтегративниот пат на Македонија, оцени дека нападите на опозицијата и на Венко Филипче постепено паѓаат во вода, обвинувајќи ја претходната власт дека со своите политики ја довела државата во ќор-сокак во однос на билатералните прашања и евроинтегративниот процес.
„Сите напади на опозицијата и на Венко Филипче постепено една по една паѓаат во вода, не може тој истиот лидер на опозицијата кој честитајќи ја владата на нашите соседи од истокот на бугарската влада да ја напаѓа својата влада, тој истиот денеска да подава рака кога едно билатерално прашање немајќи консензус и немајќи разговори стана наш проблем и ќор сокак по којшто за жал сме втурнати заради политиките на СДС и оние коишто ја водеа надворешната политика“, рече Лефков.
Лефков истакна дека понудите од страна на опозицијата се лицемерни и дека позициите на Владата во врска со евроинтегративниот пат се аргументирани и поддржани од народот со цел процесот да се води достоинствено и без понижувања.