Македонија

Сиљановска-Давкова го отвори 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, синоќа во Прилеп, го прогласи за отворено 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, коишто продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата.

Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси.

Во овој  дом, свет дом, се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик. Тука, меѓу овие ѕидови е отелотворен уметничкиот дух, меморирана е актерската реч, вграден е вашиот говор на телото.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат.

Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може.

Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор, Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Јас сум почестена, исто колку и лауреатите. Чест ми е да го прогласам за отворено,  јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечен да е, рече Сиљановска- Давкова.

 

Најнови вести од: Македонија

Samsung Galaxy Z Fold8 Ultra, Fold8 и Flip8: Уреди на преклоп, усовршени за секојдневниот начин на живот

Целосно новата Galaxy Z серија отвора ново поглавје во светот на преклопливите уреди со три различни искуства дизајнирани за ултра-продуктивност, импресивно откривање и самоизразување

Проблем со водата и во Валандово, препорачано е да не се пие: арсен има до 14, а максималната граница е 10!

ЈП „Комунален сервис“ – Валандово ја известува јавноста дека, согласно со добиените резултати од извршените анализи од Институтот за јавно здравје – Скопје, во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен.

Мицкоски: До крајот на летото избор на локација за новиот клинички центар, во оптек и алтернативна блиска локација

Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на летото да биде завршен изборот на локација за новиот клинички центар, по што ќе може да започне подготовката за реализација на капиталната здравствена инвестиција.

To top