Македонија

Конгресот на СДСМ да прогласи вонредна состојба, бара Еленовски

Во најголем интерес на СДСМ би требало да биде партијата да спроведе вистински демократски избори наместо сегашните фингирани „за цело членство“ онлајн избори со севернокорејски резултати во кои никој не верува, а цела јавност се смее. Со таков легитимитет на лидерот (за кој и самиот тој е свесен), резултатите се однапред познати, а на изборите видовме дека веќе се и заверени

Поранешниот министер за одбрана на Македонија и амбасадор во Белгија, како и поранешен специјален претставник на земјава во НАТО, Лазар Еленовски, на социјалните мрежи жестоко го напаѓа „дневниот ред“ на најавениот денешен Конгрес на опозицискиот социјалдемократски сојуз

„32.от Конгрес е за новата идеолошка платформа и програмска рамка на СДСМ кои во финална фаза треба да бидат усвоени“, најавија од СДСМ, на што Еленовски вели:

„СДСМ утре ќе одржи Конгрес. Велат тоа ќе бил Програмски Конгрес, за програмската платформа на партијата. Или кажано со други народни зборови Конгрес во кој „бабата се чешла, додека селото гори“, пишува Еленовски во подолгата објава на Фејсбук:

Неверојатно ниво на неодговорност и отсуство на реалност за партија која е во слободен пад и во повеќегодишна агонија. Уште повеќе за партија која била еден од столбовите на македонската државност и која сега би требало да се соочи и пресмета со продолжената агонија на нашето општество (за која тие имаат голема вина) бидејќи Македонија повторно доби ненародна и корумпирана власт што не дозволува развој на државата.
Тоа што СДСМ треба да го направи на Конгресот како највисок легитимен орган на партијата се неколку суштински работи:
Како што препорачува Еленовски,  Конгресот, пред се’ треба да прогласи ВОНРЕДНА СОСТОЈБА во СДСМ.
„Веднаш по историскиот дебакл на парламентарните избори во текстот „СДСМ во егзистенцијална криза“ од 22 јуни 2024 напишав дека резултатот самиот јасно кажува дека е дојдено време за темелна реформа во партијата, а за тоа да се случи треба да се преземат вонредни мерки. Со прогласувањето на вонредната состојба треба да се формира вонредно тело од истакнати членови и симпатизери за да ја спроведе неопходната реформа во партијата. Основата на тоа тело зошто да не бидат самите основачи на партијата, иако дел од нив, за жал не се повеќе меѓу нас. Кој впрочем има поголемо политичко и морално право и одговорност од нив.
Основна задача на тоа вонредно тело, со мандат од шест месеци, би биле два основни процеси, прво, да го изменат вмровскиот Статут на СДСМ и на наредниот Конгрес да предложат нов Статут, и второ, преку статутот да создадат амбиент СДСМ да спроведе најдемократски можни избори во партијата по кои новото или староновото раководството би имало целосен авторитет и демократски легитимитет, наместо сегашната октроирана, а со тоа и потчинета позиција во која се наоѓаат“, пишува Еленовски кој бил член на СДСМ од 1992 година.
„Денес СДСМ има строгоцентрализиран Статут, по примерот на ВМРО-ДПМНЕ во кој претседателот има апсолутна моќ и со укази може да ги назначува скоро сите функционери во партијата. Во последните 20 години сите промени на Статутот само го одалечуваа СДСМ од своите изворни социјалдемократски принципи и начела. Времињата кога имаше демократски битки за претседател на ОО СДСМ, па и за ЛК на СДММ се далечно минато. На тој начин се искривија вредностите, завладеа медиокритетството и се изгуби силата на теренот. Резултатот од таа илузија е очигледен во денешната состојба во партијата.
Новиот Статут треба да овозможи значајно ниво на децентрализација на моќта и враќање на социјалдемократските начела, принципи и морални вредности или во најмала рака да изгледа како Статутот на СДСМ од 1990-тите.
Во најголем интерес на СДСМ би требало да биде партијата да спроведе вистински демократски избори наместо сегашните фингирани „за цело членство“ онлајн избори со севернокорејски резултати во кои никој не верува, а цела јавност се смее. Со таков легитимитет на лидерот (за кој и самиот тој е свесен), резултатите се однапред познати, а на изборите видовме дека веќе се и заверени. СДСМ треба да организира широки демократски избори по примерот на американските партиски избори, во кои повеќето кандидати ќе имаат реално време за внатрепартиска кампања и дебата, во кој демократскиот процес ќе го даде вистинскиот победник. Тоа во суштина ќе биде најголема победа за партијата и создавање на реална основа и можност тоа во иднина да овозможи победа и во државата.
На тој начин, партијата до крајот на годината би добила целосна промена, нов лик, нова енергија и целосен легитимитет. Тогаш, тој нов СДСМ ќе може да понуди една нова програмска платформа која ќе биде обединувачка сила за цел опозициски фронт против оваа власт“.
Но, Еленовски се сомнева дека тоа ќе се случи:
„Од на сите нас познатите причини за состојбите во СДСМ, јасно е дека актуелното раководство нема да го прифати овој добронамерен и искрен предлог и дека утре на Програмскиот Конгрес ќе „дебатираат“ за платформата на СДСМ и за фронтот во кој никој не сака да се вклучи. Неспремноста за реформа и самозалажувањето за единството во партијата со капацитет кој пред две години беше 150 000 гласови, пред една 125 000, а најверојатно на наредниот изборен тест 100 000 гласови, иако потенцијалот е 250-300 000, се знае на чие конто ќе оди. Како што се знае и дека тоа ќе го плати токму ова и вакво СДСМ. Наша граѓанска одговорност е да не дозволиме тоа повторно да го плати Македонија“.

 

Најнови вести од: Македонија

To top