Зошто средбата Мицкоски-Ердоган предизвика вознемир во Атина каде ваквите контакти се сметаат како одраз на стратегијата за проширување на вчијанието на Турција на Балканот.
Уредничкиот тим на грчката агенција IBNA која беше најактивна пред потпишувањето на Преспанскиот договор ја анализура средбата на премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Турција.
На средбата двајцата ја потврдија заложбата за дополнително продлабочување на билатералните односи кои во последните години добиваат сè поголемо економско и стратешко значење.
ИБНА анализира дека средбата доаѓа во период кога Анкара активно го зајакнува своето влијание на Балканот преку инвестиции, инфраструктурни проекти и политичка дипломатија. По разговорите, Мицкоски порача дека неговата влада продолжува да гради стабилна и предвидлива деловна средина со цел да привлече нови турски инвестиции и да создаде нови работни места.
Двете страни се согласија да ја прошират соработката во повеќе области – инфраструктура, енергетика, туризам, образование и одбрана, а разменија мислења и за актуелните регионални состојби во Југоисточна Европа.Турција е еден од најзначајните неевропски економски партнери на Северна Македонија, со силно присуство во производството, градежништвото, услугите, трговијата и транспортот.
За Скопје, соработката со Анкара претставува важен дел од стратегијата за привлекување странски капитал, зголемување на извозот и зајакнување на економскиот раст, пишува ИБНА која анализира дека оваа средба не е изолиран случај.
,,Во последните месеци Ердоган пречека повеќе балкански лидери, меѓу кои и претседателката Гордана Силјановска-Давкова и српскиот претседател Александар Вучиќ. Анкара промовира регионални иницијативи фокусирани на поврзаност, трговија, инвестиции и стабилност. Според аналитичарите, турското присуство на Балканот веќе не се ограничува само на историски и културни врски, туку добива јасна геоекономска димензија. Турските компании се активно вклучени во крупни инфраструктурни и енергетски проекти, а зголемената трговска размена се гледа како дел од пошироката стратегија на Турција да ја консолидира својата позиција во регионот кој претставува клучен мост кон европските пазари и источниот Медитеран”, пишува ИБНА.
Според агенцијата Атина оваа се поголема блискост меѓу Скопје и Анкара се следи со загриженост, особено во контекст на сложените грчко-турски односи и регионалните рамнотежи.
,,Во исто време, балканските земји се обидуваат да ја диверзифицираат својата надворешна политика и да привлекат инвестиции од различни партнери – од ЕУ и САД, преку Турција, Кина и други актери – за да ја зајакнат економската отпорност и поврзаноста на регионот. За Турција, Балканот останува стратешки простор од првостепено значење – порта кон Европа, важен транспортен коридор и можност за проширување на нејзиното дипломатско и економско влијание”, анализира грчката агенција.