Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски им се обрати на присутните на отворањето на Состанокот на високи претставници во рамки на Прашкиот процес за дијалогот за миграцијата, што два дена се одржува во Скопје, на кој учествуваат претставници на земјите членки, меѓународните организации и партнерските институции вклучени во управувањето со миграцијата и азилот.
Во обраќањето, Тошковски истакна дека миграцијата не е апстрактна политичка тема, туку реалност со која државите, институциите и граѓаните се соочуваат секојдневно.
„Миграцијата е реалност што ја чувствуваме на нашите граници, во нашите заедници и во животот на луѓето. Македонија низ годините научи дека ефикасното управување со миграцијата бара континуирано инвестирање во човечки ресурси, модернизација на граничната инфраструктура и тесна соработка со соседните земји и европските агенции“, нагласи министерот Тошковски.
Осврнувајќи се на новиот пакт на Европската унија за миграција и азил, министерот подвлече дека негова успешна имплементација може да се постигне само преку активно вклучување на земјите од Западен Балкан во процесот на усогласување и спроведување на новите политики.
„Пактот нема да може целосно да функционира доколку се имплементира само во рамките на Европската унија, а земјите од Западен Балкан да останат сами да се соочат со последиците и предизвиците. Потребна ни е вистинска соработка, предвидлива финансиска поддршка, оперативна помош и формални партнерски механизми кои ќе овозможат усогласување на законодавството, размена на информации и реализација на заеднички активности“, нагласи Тошковски.