Македонија

Нов систем на плати, вработувања и одговорност – Собранието ги донесе законите за судска и јавнообвинителска служба

Пратениците во Собранието ги изгласаа законите за судска и јавнообвинителска служба. Со 61 глас „за“ и 12 „против“ се донесе законот за судска служба.

Новиот Закон за судска служба ги надминува долгогодишните слабости во функционирањето на судовите и создава услови за поефикасна организација на работата преку јасно дефинирање на статусот, правата и обврските на судските службеници. Една од најзначајните новини е што судските стручни службеници добиваат статус на посебни административни службеници, односно стануваат посебна категорија вработени во рамки на судската власт со сопствен законски режим. Со тоа, како што наведуваат од Министерството, се овозможува подобро препознавање на специфичностите на нивната работа и поголема професионализација на службата.

Законот предвидува и нов систем за класификација на работните места, со дополнување на категориите, нивоата и звањата согласно реалните потреби на судовите. На овој начин треба да се надминат проблемите што со години произлегуваа од примената на модел преземен од општата администрација, кој не ги одразуваше специфичните потреби на судскиот систем.

Дополнително, се воведува нов систем на вработување и унапредување прилагоден на судската служба, а значително се зајакнува и институционалната независност на судската власт. Судскиот буџетски совет добива централна улога во кадровското планирање, без потреба од претходна согласност од извршната власт.

Со новото законско решение се менува и начинот на пресметка на платите. Зголемувањата обезбедени преку колективните договори ќе станат составен дел од основната плата, што според Министерството ќе овозможи постабилен, попредвидлив и поправеден систем за вреднување на трудот на судските службеници. Законот дополнително го уредува и статусот на судската полиција, чии припадници добиваат бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите категории вработени во судовите преку јасно дефинирани права, обврски и одговорности.

Истовремено, пратениците го усвоија и Законот за јавнообвинителска служба, кој има за цел да ја зајакне самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство. Со новите решенија се воспоставува посебен систем за управување со човечките ресурси, со поедноставени процедури за вработување и намалена зависност од надворешни институции при изборот на кадри. Од Министерството посочуваат дека тоа ќе овозможи побрз избор на најстручните и најквалитетните кандидати.

Посебен акцент е ставен на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Законот предвидува јасна вертикална структура за напредување и можност за професионален развој до највисоките раководни позиции во службата. Дополнително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените.

И кај обвинителската служба е предвиден нов систем за пресметка на платите, со кој покачувањата договорени преку колективните договори ќе бидат вклучени во основната плата. Според Министерството, ова ќе придонесе за поголема финансиска сигурност, подобра мотивација и поправедна валоризација на трудот на вработените.

Законот воведува и потранспарентен систем на дисциплинска одговорност, со прецизно дефинирани дисциплински повреди, дисциплински комисии и можност за жалба пред Советот на јавнообвинителска служба. Од Министерството за правда оценуваат дека со усвојувањето на двата закона се прави значаен чекор кон исполнување на реформските цели во правосудството и создавање поефикасен, независен и професионален судско-обвинителски систем.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Битолчанка и Естонец измамиле стотици граѓани 

Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа

To top