Од ЈП „Македонија пат“ информираат дека поради сообраќајка на главниот приод кон терминалната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје, утрово од 06:06 часот во прекин е сообраќајот на автопатот Куманово – Велес, кај клучката „Меѓународен аеродром Скопје“, односно на исклучокот од Скопје кон аеродромот.
Поради тоа, целиот сообраќај се пренасочува преку клучката Рафинерија кај Миладиновци, од каде возачите повторно треба да се вклучат кон аеродромот.
На патниците кои денеска патуваат од Меѓународниот аеродром Скопје им се препорачува да тргнат значително порано од планираното
Од ТАВ Македонија потврдуваат дека поради незгодата е изменет режимот на сообраќај кон терминалната зграда.
„Сите возила се пренасочуваат по алтернативен правец, а патниците и посетителите треба да го користат излезот што води кон стариот влез на аеродромот, односно кон старата аеродромска зграда“, информираат од аеродромскиот оператор.
Оттаму апелираат патниците внимателно да ги следат упатствата на надлежните служби и да предвидат дополнително време за пристигнување на аеродромот, сè до целосно нормализирање на сообраќајот.
Засега нема информации кога сообраќајот на главниот приод кон аеродромот повторно ќе биде пуштен во функција.