Воведувањето нови терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест во Македонија бара внимателна подготовка, обучени медицински тимови и долгорочно следење на пациентите.
Ова го порача министерот за здравство Сашо Клековски на панел-дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, одржана во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.
На средбата невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје разговараа за длабоката мозочна стимулација кај Паркинсоновата болест, како и за антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб кај раната фаза на Алцхајмеровата болест.
Беа разгледани и условите потребни за нивно воведување во македонскиот здравствен систем.
„Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо“, истакна Клековски.
Според податоците што ги изнесе министерот, во националниот здравствен систем се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а проценките покажуваат дека до 2050 година нивниот број може речиси тројно да се зголеми. Со Паркинсонова болест живеат околу 8.000 граѓани, од кои најголемиот дел се згрижени во домашни услови.
Клековски посочи дека Министерството за здравство е подготвено да ги разгледа препораките на стручната јавност за тоа што е потребно, по кој редослед и во кој рок за да се овозможи примена на новите терапии.
Тој се заблагодари и за двегодишната соработка меѓу клиниките во Љубљана и Скопје, која се спроведува преку програмата „Ментор–ментее“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето.