Шефот на Конгрегацијата на Ватикан за доктрина на верата ја обвини Европската унија дека селективно го применува меѓународното право: санкционира некои воени инвазии и поинаку третира други, пишува Politico.
Кардиналот Виктор Мануел Фернандез ги упати своите критики на затворената конференција на кардинали од целиот свет за војната што ја повика папата Лав XIV.
Состанокот беше свикан од папатѕа за да се испита глобалната „култура на силата“ што ги поттикнува модерните конфликти и да разговара за тоа како Црквата треба да одговори.
Еден од главните моменти на дискусиите беше настојувањето на Папата да ја преиспита традиционалната доктрина „праведна војна“, за која вели дека премногу често се користела како оправдување за воена акција.
Тој став веќе го стави во судир со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој го оспори толкувањето на папата на католичкото учење откако Лав XIV се запраша дали американско-израелските напади против Иран би можеле да ги исполнат критериумите за „праведна војна“.
Кардиналот Фернандез, рече дека владите сè повеќе ги применуваат моралните и правните принципи според политичка целисходност наместо според универзални стандарди.
„Ако една земја е непријател, таа е означена како недемократска и санкционирана на различни начини. Но, ако е сојузник, недостатокот на слобода на говор, човекови права или демократија се игнорира“, истакна тој.
Продолжувајќи кон Европа, Фернандез ја обвини Европската унија за недоследност во нејзината надворешна политика.
„Европската унија наметнува економски санкции на една земја и испраќа финансиска помош и оружје на друга, но не постапува на ист начин при други, уште потешки воени инвазии со уште посурови последици за цели народи“, рече тој.
„Овие противречности покажуваат дека практично сè се сведува на политичките и економските интереси на различните региони во светот“, додаде Фернандез. „Веќе не постои реален и одржлив систем на вистина и вредности“.
Кардиналот истакна дека владите го проширија до непрепознавање поимот за легитимна самоодбрана во војна, наведувајќи ги како примери Русија, САД и други земји кои се повикуваат на широко толкување на правото на самоодбрана за да ги оправдаат воените интервенции, од Украина до Блискиот Исток.
Според неговите зборови, дури и католичкото учење за „праведна војна“ понекогаш се користи за легитимирање на „најнеправедните војни“.
„Наместо да ги спречи, помага да се оправдаат“, посочи тој.
За да се избегне ова, Фернандез инсистираше оправдувањето на легитимната самоодбрана да се толкува „во најстрога можна смисла“, отфрлајќи ја се почестата логика на превентивна војна со која владите ја оправдуваат воената акција.
Во своите завршни зборови пред учесниците во саботата, папата Лав XIV сигнализираше дека дебатата на оваа тема е далеку од завршена.
Тој ги поздрави препораките на кардиналите да се преиспита учењето на Црквата за легитимна самоодбрана „во светло на длабоките промени во природата на современите конфликти“, ветувајќи дека прашањето ќе се испита „со потребната теолошка и пасторална длабочина“.