„Македонската делегација во Виена ја предводеше претседателката на ЛДП и актуелна претседателка на ЛИБСЕН, Моника Зајкова, заедно со меѓународниот секретар и член на Извршниот одбор на партијата, Емир Ќориќ. Преку силна лоби-акција и координација со европските партнери, ЛДП успеа да ги наметне реалните проблеми на македонските граѓани како врвен приоритет на европското либерално семејство.
Клучниот аспект на оваа резолуција е директниот напад врз понижувачкиот третман што македонските граѓани го доживуваат на границите со Европската Унија, со посебен акцент на т.н. Систем за влез/излез (EES).
Истовремено, со оваа резолуција се бара децидно и итно прекинување на практиката на билатерализација на пристапниот процес. Европските либерали испратија кристално јасна порака дека не смее да се дозволи ниту една земја-членка да го злоупотребува правото на вето за билатерални спорови и прашања базирани на историја, кои со години неправедно го кочат македонскиот напредок.
Наместо тоа, се бара брза транзиција кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV) за сите меѓучекори во интеграцијата, што ќе обезбеди предвидлив процес заснован исклучиво на реални заслуги и исполнети критериуми.
Резолуцијата исто така јасно дефинира дека фазната интеграција и пристапот до Единствениот пазар мора да бидат исклучиво во корист на граѓаните и бизнисите, со цел забрзување на патот кон полноправно членство во ЕУ, а не создавање на европски граѓани од втор ред“, соопшти ЛДП. МКД.Мк