Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи во писмена порака објавена денеска изјави дека одмаздата за убиството на неговиот татко и претходник на лидерската позиција во американско-израелските напади е „неизбежна“.
Ова е неговата прва изјава по шестдневниот погреб на неговиот татко, на кој не присуствуваше.
„Оваа одмазда е волја на нашата нација и неизбежно мора да се изврши“, се вели во обраќањето. „Ова прашање не зависи од моето лично постоење или од постоењето на други функционери. Без разлика дали ќе присуствуваме или не, ова ќе се случи“, се вели во пораката, за која се тврди дека е од Моџтаба Хамнеи.
Нема независна потврда за авторството на овој текст, ниту за состојбата во која се наоѓа сегашниот врховен лидер на Иран, кој наводно бил сериозно повреден во нападот во кој бил убиен неговиот татко. Не е сигурно дека Моџтаба Хамнеи е свесен, иако Техеран тврди дека тој ги извршува своите должности.