Македонија

Осуденици ќе чистат од денес седум дена магистрални и регионални патишта – под постојан надѕор на затворската полиција!

Акцијата се реализира во соработка меѓу Управата за извршување на санкциите и ЈП „Македонија Пат“, согласно потпишаниот Меморандум за соработка за работно ангажирање на осудени лица.
Од денеска започна седумдневна работна акција за одржување на хигиената на магистралните и регионалните патишта низ државата, која ќе трае до 22 јули 2026 година.

Увид во почетокот на активностите денеска извршија заменик-директорот на ЈП „Македонија Пат“, Александар Шуковски, како и претставници од Кабинетот на директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов.


Во акцијата се вклучени осудени лица од повеќе казнено-поправни установи, меѓу кои затворите во Идризово, Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица и Струга.


Според Управата за извршување на санкциите, осудените лица се работно ангажирани на делници од магистралните и регионалните патишта кои се наоѓаат во непосредна близина на установите каде што ја издржуваат казната. За време на ангажманот тие се под постојан надѕор на припадниците на затворската полиција.

Целта на акцијата е подобрување на хигиената покрај патната инфраструктура, преку координирана соработка меѓу институциите и работно ангажирање на осудените лица во активности од јавен интерес.

Најнови вести од: Македонија

To top