Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Заевци ја уништија Еуростандард, а Алта е увезен проблем

СДСМ се обидува да ја наруши довербата во банкарскиот систем

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ за ширење лаги и дезинформации во врска со случајот „Алта банка“, оценувајќи дека опозицијата се обидува да создаде паника и да ја поткопа довербата во банкарскиот систем.

Реагирајќи на прес-конференцијата на Богданка Кузеска, од владејачката партија нагласуваат дека одлуките за банкарскиот сектор ги донесуваат Народната банка и гувернерот, а не премиерот и Владата.

Оттаму тврдат дека гувернерот Трајко Славески никогаш не изјавил оти одлуката за „Алта банка“ ја донел премиерот Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја споредуваат ситуацијата со „Алта банка“ со пропаста на „Еуростандард банка“, обвинувајќи ги Зоран Заев и неговите деловни партнери дека ја уништиле банката преку кредити без покритие.

Според нив, разликата е јасна: проблемот со „Алта банка“ е увезен и произлегува од престанокот на работата на нејзината матична банка во странство.

„Разликата меѓу Алта банка и Еуростандард е тоа што Заевци ја украдоа банката, а во случајот со Алта, проблемот е увезен“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата додава дека се очекува решение за случајот и уверува дека граѓаните нема да бидат оштетени.

Најнови вести од: Македонија

To top