Македонците Џонас Марковски и Даниел Лазаревски се хероите на Престон лајонс, донесувајќи ѝ пресврт и триумф на гордоста на македонската заедница во Австралија од 2:1 на гостувањето кај Волонгонг вулвс за огромен исчекор кон четвртфиналето во Австралискиот шампионат во фудбал.
Марковски во 78. минута израмни, а Лазаревски една минута пред крајот погоди за огромна радост на „лавовите“ на „Македонија парк“ за реванш за несреќниот пораз на пенали во првиот меѓусебен дуел во Мелбурн и за прво место во групата Д од второлигашката конкуренција на петтиот континент.
Клубот формиран во 1947 година како Престон Македонија две кола до крајот води во групата со 7 бода, еден повеќе од Квинсленд лајонс, кој ќе го пречекаат на 13 ноември.
Блиску до пласман меѓу осумте најдобри екипи е и другиот „македонски“ тим Бродмидоу меџик, и покрај поразот од 2:1 на гостувањето кај Вестс АПИА. Клубот основан како Њукасл Македонија во 1966 година е втор во групата Б со 8 бода, два помалку од ривалот од кој загуби, а на 15 ноември ќе го пречека Авондејл.
Во четвртфиналето же се пласираат по две најуспешни екипи од четирите групи по четири тима.