Поранешните професионални војници денеска излегоа на протест пред зградата на Владата, изразувајќи го своето незадоволство од големите разлики во исплатата на отпремнините. Тие бараат еднаков третман за сите пензионирани армиски припадници, независно од датумот кога го оствариле правото на пензија.
Носејќи транспаренти со пораки „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, учесниците на протестот укажаа на драстична диспропорција во износите што им се исплаќаат на војниците пензионирани пред и по законските измени.
„Од оваа страна на сликата сме ние, пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од другата страна се оние кои се пензионирале по тој датум. Погледнете ги разликите во сумите: ако некој генерал тогаш земал отпремнина од 3.000 евра, сега таа сума изнесува 25.000 евра“, изјави Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата.
Поддршка на барањата даде и Независниот синдикат на професионални војници, кој дополнително бара обезбедување договори на неопределено време и повисоки плати за сите активни припадници.
„Поднесовме предлог-закон во Собранието со кој се предвидува во следните седум години да нема нови вработувања. Со тоа би се заштедиле помеѓу 10 и 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана, средства што би се искористиле за обесштетување на поранешните пензионирани војници, додека сегашните професионални војници би добиле договори на неопределено време и право на пензија“, истакна Александар Насковски од Независниот синдикат.
Реакција пристигна и од Министерството за одбрана, од каде соопштија дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки отпремнини се спротивни на важечките законски прописи.
Од ресорното министерство потсетија дека минатата недела беа потпишани договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст. Со нив, наместо заминување од службата со еднократен финансиски надомест, на овие лица им се овозможува трансформација на статусот во цивилни лица во Армијата сè до нивното пензионирање.
Притоа, досегашните законски опции — како отпремнина во висина од две просечни плати за секоја година помината во службата или префрлање во органите на државната и локалната власт — и понатаму остануваат на располагање за оние кои ќе одберат таква можност.