Кривична одговорност за надлежните за загадувањето на водоводот во Гостивар што предизвика труење на над 1.500 жители и е прогласена епидемија ќе поднесе Обвинителството, а што се однесува до моралната, тука ја има од првиот човек во локалната власт на Гостивар па сите надолу, кажа премиерот Христијан Мицкоски, при денешната посета на Велес. Рече дека утрово бил брифиран од Институтот за јавно здравје оти резултатите од квалитетот на водата за пиење во Гостивар се готови и се доставени до Обвинителството.
Од вчера е прогласена епидемија во Гостивар, откако на 17 јули водата беше забранета за пиење и друга употреба. Со надзорот е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем
- „Обвинителот треба да излезе со квалификација на делото. Таму морална одговорност треба да понесат од прв до последен, од градоначалникот сè надолу. Како Влада преземавме чекори за обезбедување 50 илјади литри вода флаширана за пиење, за гостиварци. Така ќе биде секој нареден ден. Денес ќе се дистрибуираат три шлепери или 60.000 литри вода. Важно е водата од чешмите во Гостивар да се користи за технички потреби, бидејќи согласно препораките на Агенцијата за храна и ветеринартсво (АХВ) сега не е можно. Ова е што го работи Владата е дел од обврските на локалната самоуправа. Сега Комуналното во Гостивар треба да пристапи кон прочистување на водоводот, хлорирање за да може граѓаните да ја користат за хигиена“, кажа Мицкоски.
Се очекува надзорот кој го потпишал извештајот за реализираната реконструкција на водоводониот систем на Гостивар, од село Вруток до филтер-станицата, со средства од Владата и Швајцарската Агенција за развој, да се произнесе дали таа бил согласно процедурите и постапките за градба. Реконструкцијата била изведена во 2024 година. Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој беше во одвоена посета на Велес, кажа дека до нив нема стигнато барање за помош од армијата во врска со епидемијата во Гостивар.

- „До денес, до армијата нема стигнато било какво барање за помош во случајот со прогласената епидемија во Гостивар. Доколку било кој почувствува потреба и се јави, локалната самоуправа, граѓаните, војската е тука да помогне, на било кој начин. Но прво треба да ја побараат“, рече Мисајловски, кој беше во Велес да изврши увид во реконструкцијата на војнички павилјон.
Локалното јавно претпријатие треба веднаш да започне со прочистување и хлорирање на водоводниот систем, со цел во наредните денови состојбата постепено да се нормализира.
- „Треба да се прочисти целиот систем за граѓаните повторно да можат безбедно да ја користат водата за технички потреби. Од денеска па натаму локалното претпријатие треба да започне со процесот на прочистување на водоводот“, изјави премиерот.
Според него, во првата фаза целта е водата повторно да може да се користи за технички потреби, а потоа и целосно да биде безбедна за употреба.