И покрај солидниот годишен раст од 8,2 отсто, македонските работници и натаму имаат пониски просечни примања во споредба со земјите од регионот. Највисоки плати се исплаќаат во Словенија и Хрватска, додека Македонија се наоѓа поблиску до долниот дел од регионалната листа.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2026 година изнесувала 49.544 денари, односно околу 800 евра. Ова претставува номинален раст од 8,2 отсто во однос на мај минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Сепак, споредбата со соседните земји покажува дека Македонија и понатаму значително заостанува. Во Словенија и Хрватска просечните нето-плати се над 1.000 евра, во Србија изнесуваат околу 1.000 евра, во Црна Гора околу 900 евра, додека во Босна и Херцеговина и Албанија се нешто пониски.
Економистите истакнуваат дека покрај номиналниот износ, особено важни се продуктивноста на трудот, трошоците за живот и реалната куповна моќ на граѓаните. Најголем раст на платите во мај 2026 година е забележан во секторите: снабдување со вода, отстранување отпад и управување со отпад (11,9%), уметност, забава и рекреација (11,3%) и транспорт и складирање (10,9%).
Највисоки просечни примања и натаму имаат вработените во информатичкиот сектор, додека најниски плати се исплаќаат во хотелиерството и угостителството.
Просечната месечна бруто-плата во мај 2026 година изнесувала 74.482 денари, што е исто така зголемување од 8,2 отсто во однос на лани.