Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) попладнево испрати дополнителни сили за справување со големиот пожар над селото Копаница во Општина Сарај, кој и понатаму претставува сериозен предизвик за противпожарните служби.
За поддршка на скопската Бригада за противпожарна заштита, во акцијата се ангажирани два противпожарни авиони „Air Tractor“, кои интервенираат од воздух, како и две специјализирани теренски возила „Пинцгауер“, наменети за гаснење пожари на непристапен терен.
Пожарникарите и тимовите на ДЗС координирано работат на локализирање на пожарот и спречување на неговото ширење кон околните населени места. Поради сложеноста на теренот и временските услови, интервенцијата се одвива со максимална мобилизација на расположливите ресурси.
Надлежните институции соопштуваат дека состојбата на терен постојано се следи и дека сите капацитети остануваат во приправност сè додека пожарот не биде целосно ставен под контрола.
Апелот до граѓаните е да не се движат во близина на зафатеното подрачје, да ги почитуваат насоките на надлежните служби и веднаш да пријават доколку забележат нови жаришта или сомнителни активности.