Недостигот на работна сила на пазарот на трудот во Хрватска го пополнуваат странци од најмалку 15 држави, а Македонците се наоѓаат на високата четврта позиција. Ова се податоци што во мај годинава ги објави mojradnik.com.hr, а се однесуваат на состојбата од минатата година и првиот квартал од оваа година.
Според листата, во Хрватска има 18.600 македонски работници, што претставува 9 отсто од вкупната странска работна сила. Во споредба со претходниот период, бројот на работници од Македонија е зголемен за 8 отсто.
На прво место се босанските државјани со 49.500 работници, или 24 отсто од странската работна сила. Втора е Србија со 37.200 работници, а на трето место е Непал со 28.900 работници. Зад Македонија следува Косово со 14.400 работници.
Македонец кој работи во Хрватска објаснува дека работниците од Азија често прифаќаат пониски плати и потешки услови. „Има различни култури, различни начини на живот и однесување. Моментално работам со Мароканец и Индиец, а во куќата каде што живеам има и тројца Узбекистанци. Живеев и со Македонци, Срби, Босанци, Филипинци и Хрвати, и можам да кажам дека Србите се најблиску до тоа што значи добар цимер. Азијците, за разлика од нас Балканците, прифаќаат да работат за било која плата и било кое работно време, додека ние преговараме за условите. Подоцна сфаќаат дека работата е тешка и се жалат на ниските плати и долгите работни часови“, вели тој.

Од Филипините има 12.400 работници, од Индија 10.300, од Украина 8.200, а од Албанија 6.200. Следуваат Бангладеш со 4.100, Турција со 3.100, Црна Гора со 2.500, Пакистан со 2.100 и Молдавија со 1.800 работници. Во групата „останати“ има 6.100 лица.
Кај речиси сите групи странци е забележан пораст, со исклучок на Украинците, чиј број е намален за 5 отсто. Најголем дел од странските работници се вработени во Загреб (52.600), а во Сплитско-далматинската жупанија има 24.700. Најмалку има во Вараждинската жупанија – 6.200.
Просечната возраст на странските работници е 34 години. Од нив 78 отсто се мажи, а 22 отсто жени. Според образованието, 45 отсто имаат средно, 35 отсто основно, а 20 отсто високо образование. Најмногу странци работат во градежниот сектор, а потоа следуваат туризмот и угостителството, преработувачката индустрија, превозот и складирањето, земјоделството, трговијата, информатиката, здравството и административните дејности.
Словенија и Австрија се конкуренција за Хрватска, бидејќи нудат од 20 до 40 отсто повисоки плати.