Завршена е изградбата на новата водоводна и канализациона мрежа на улицата Фаик Коница (поранешна Дижонска 15) во Општина Чаир, проект реализиран со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање во вредност од 6,9 милиони денари.
На теренскиот увид по повод завршувањето на проектот присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа и претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамет Муртези.
Проектот е дел од тековните активности за целосна реконструкција и унапредување на комуналната инфраструктура во населбата Дижонска, со кои се опфаќаат водоводната, канализациската и атмосферската мрежа.
„Обезбедувањето модерна и сигурна комунална инфраструктура е една од клучните цели на Министерството. Овие проекти се основа за зелен пресврт, бидејќи со нив решаваме долгогодишни проблеми, создаваме подобри услови за живот и градиме системи што одговараат на потребите на граѓаните“, истакна министерот Хоџа.
Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува со поддршка на општините преку реализација на инфраструктурни проекти во областа на водоснабдувањето, отпадните и атмосферските води, со цел подобрување на животната средина и квалитетот на услугите за граѓаните.