По информациите од Министерството за образование дека во септември ќе се запишат помалку 4.900 првачиња, јавноста денеска е сведок на нови меѓупартиски препукувања. Па така откако лидерот на Левица Димитар Апасиев напиша – Опиши ги успешните политики на ДПМНЕ во една реченица… – “Во Македонија, за една година вмроидна власт, имаме 5.000 првачиња помалце”, веднаш му врати Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Абе нека му каже некој да не се бламира вака јавно! Денешните првачиња се деца родени во 2020 година, а не лани. Тогашната власт на СДС, која тие со „Шарената“ ја донесоа на власт, направи пустош во државата, уништувајќи ги условите младите да остануваат, да формираат семејства и да имаат деца. Демографијата не се менува за една година, туку е резултат на политики и состојби создадени со години наназад, стои во објавата на Петрушевски.
Крајно загрижувачкото историско намалување на бројот на запишани првачиња во земјава е најдиректна последица на големото намалување на наталитетот предизвикано од големото иселување и од други фактори. Ваквите негативни процеси се присутни со години, а сега само кулминираат, при што нема да биде изненадување доколку сега предвидениот број за 3.000 првачиња помалку во септември во следните години биде уште поголем.
Пописот на населението од пред пет години покажа загрижувачки податок дека за околу две децении се намалил бројот на жители за околу 200.000. Но, за жал, по ова, секоја година потоа носеше уште попоразителни податоци за намалување на населението. Само минатата година, на пример, во земјава дошле на свет рекордно мал број бебиња – само 15.531, во ситуација кога во истиот период лани имало 19.921 умрено лице. Тогаш излегува дека лани се намалило населението во земјава за 4.381 лице, како да исчезнал цел еден помал македонски град.
Во ваква ситуација не може да се очекуваат подобри податоци за бројот на запишани првачиња. Индикативно е тоа што, на пример, намалениот број првачиња, кои во септември ќе бидат за околу 3.000 помалку, произлегува од генерацијата деца родени во 2020 година. Тогаш, според официјална статистика, во земјава било родено 19.031 бебе. Ова веднаш води кон прашањето колкаво ќе биде опаѓањето на бројот на првачиња во 2030 година кога на ред за запишување ќе стигнат 15.531 дете родени лани. Бројките, извесно, ќе бидат уште попоразителни доколку не запрат негативните трендови.