Македонија

Царинска контрола на 38 пловни објекти на Охридското Езеро (ВИДЕО)

Координирана акција со МВР

Одделението за оперативни работи, во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, изврши контрола врз 38 пловни објекти на Охридското Езеро. Извршени се проверки на статусот на пловилата и на лицата кои ги управуваат, согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и останатите регулативи со кои е регулиран увозот, прометот и управувањето на пловните објекти.

„Во изминатиот период се забележува зголемена активност на платени увозни давачки за пловни објекти кои биле внесени со привремен увоз, што укажува дека контролите даваат ефект“, изјави управникот на Царинарница Битола, Ѓоко Търпоски.

Целта на царинските контроли е проверка на царинскиот статус на пловните објекти кои се внесени во државата, особено на пловилата регулирани со привремен увоз. Тие, согласно царинските прописи, можат да се употребуваат во државата во законски утврдениот рок, по што, доколку не извршат повторен извоз и не ја напуштат државата, треба да го регулираат правниот статус и да го оцаринат пловилото.

Началникот на Одделението за оперативни работи, Душан Размовски, потенцира дека мобилните тимови ќе продолжат со зајакнати контроли, при што секое непочитување на законските одредби ќе резултира со соодветни прекршочни санкции, вклучувајќи и одземање на пловниот објект.

Најнови вести од: Македонија

To top