Организацијата на 18. Европско првенство во параглајдинг во Крушево домаќинот Македонија го зачини со два освоени медала и најголем успех досега на големите натпреварувања во овој спорт.
Ана Бергер стана европска првенка, а заедно со Мартин Јованоски, Дарко Станковски и Ѓорѓи Ристовски се вицешампиони на стариот континент во екипна конкуренција.
Зад Бергер кај дамите заврши Германката Елиза Дојчман, а бронзата ѝ припадна на Силвија Ванда Анџела Буци Ферарис од Италија.
Севкупно, пак, пред Македонија е Словенија, а зад македонската репрезентација во параглајдинг на победничкиот пиедестал се најде Шпанија.
На шампионатот учествуваа 130 натпреварувачи од 38 европски држави.
