Македонија

Мицкоски за одлуката на обвинителот: „Не му значи што живи гореа 14 луѓе“

Тој рече дека повеќепати ги коментирал одлуките на правосудните институции и оцени дека и оваа одлука е меѓу, како што ја нарече, „скандалозните“

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција ја коментираше одлуката на Обвинителството да го затвори предметот за модуларните болници, при што особено се осврна на трагедијата во Тетово, во која во пожарот во модуларната болница загинаа 14 лица.

Мицкоски посочи дека постапката трае пет години и дека во тој период во јавноста биле изнесени различни информации поврзани со случајот.

Тој остро ја критикуваше одлуката на обвинителот, кој е при крајот на мандатот, оценувајќи дека со неа постапката е запрена и покрај трагичните последици од пожарот.

„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам: живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.

Тој во продолжение упати директни критики кон обвинителот кој е во заминување, поврзувајќи ја одлуката со негови односи со претходната владејачка гарнитура.

„За жал, обвинителот којшто е во заминување, бидејќи, од тоа што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува да до крај ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе“, изјави премиерот.

Мицкоски оцени дека одлуката не претставува политичка амнестија и нагласи дека, доколку се појават нови детали или докази, случајот може повторно да биде отворен и постапката да продолжи.

„Секогаш можат да се појават нови детали коишто се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и практично пред јавноста да се покрене од самиот почеток“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека повеќепати ги коментирал одлуките на правосудните институции и оцени дека и оваа одлука е меѓу, како што ја нарече, „скандалозните“.

Мицкоски се осврна и на реакциите од опозицијата, посочувајќи дека постои промена во нивниот однос кон правосудните институции.

„До вчера, тие што критикуваа за односот на правосудните органи, сега ги фалат и се полни со хвалоспеви за нивната работа и таканаречената, во наводници, „објективност“, рече тој.

Според Мицкоски, особено загрижува тоа што во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, обвинителството не утврдило докази за сторено кривично дело.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top