Можно е намалување на ДДВ за горивата ако има потреба, рече премиерот, според кого кризата на Блискиот Исток може да потрае уште неколку години. Затоа, вели, Владата има план и стратегија да го амортизира ударот. Премиерот останува на ставот дека земјава има најниски цени на горивата во регионот. Мицкоски рече дека внимателно преземаат чекори за да не се наруши макроекономската стабилност во државата.
Премиерот останува на ставот дека земјава има најниски цени на горивата во регионот.
- „Дизел-горивото во Македонија е за половина денар по литар поевтино од тоа во Албанија, за 35 центи поевтино од тоа во Србија и од 30 до 50 центи по литар поевтино од сите држави во регионот – Грција, Хрватска Словенија, БиХ, Црна Гора, без разлика дали станува збор за безоловниот бензин или за дизелот“, изјави Мицкоски.
Освен нашите, вели Мицкоски, на бензинските пумпи во земјава гориво точат и граѓани од соседството.
- „Имаме доволно за да опслужиме поголем конзум на нафта и нафтени деривати до 50-60 проценти од времето пред кризата. И не воведовме забрана. Неколку аеродроми во регионот се снабдуваат со реекспорт од Македонија. Така што, бидете спокојни“, рече премиерот.
Според последната одлука на Регулаторна, од неделава литар дизел се продава за 101,5 денари за литар. Поскапувањето, критикува опозицијата, дополнително ќе ги зголеми трошоците за производство и транспорт, а со тоа и притисокот врз цените на храната, обвинувајќи ја Владата дека нема мерки за заштита на стандардот. Наспроти најавите и црните сценарија на опозицијата, инфлацијата од 16% во нивно време падна на 2,3%, а јавниот и државниот долг се намалуваат, потсетија од Владата.
Инаку, пензиите од септември ќе се зголемуваат согласно законското усогласување, велат од Владата. Како што кажа премиерот, таквата одлука се носи со цел заштита на пензионерите и нивните пензии, оти при претходните линеарни покачувања беа поднесени иницијативи до Уставниот суд за нивно укинување од страна на поединци, поттикнати од опозициските партии. Затоа, според премиерот, натамошниот раст ќе оди исклучиво преку редовно нивелирање согласно Законот.