Македонија

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија годишно изложени на сексуална злоупотреба преку интернет!

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија во период од една година може да биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, покажуваат алармантните резултати од истражувањето „Прекинување на штетата“ („Disrupting Harm“).

Според податоците, во 48 отсто од случаите децата биле изложени на повеќе од една форма на сексуална злоупотреба или експлоатација, при што подеднакво биле засегнати и момчињата и девојчињата. Особено загрижува податокот дека во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, додека само во пет отсто од случаите станувало збор за непознато лице. Во 57 отсто од случаите сторителите биле возрасни, а во 22 отсто врсници. Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, додека во 27 отсто бил вклучен член на семејството.

Социјалните мрежи биле најчестата средина во која се случувала злоупотребата. Во 52 отсто од случаите биле користени платформи на социјалните медиуми, а во 30 отсто платформи за онлајн игри. Меѓу најчесто споменуваните платформи се Инстаграм со 76 отсто, Снепчет со 55 отсто, ТикТок со 51 отсто, Ватсап со 40 отсто, Фејсбук со 34 отсто, Јутјуб со 29 отсто и Икс со 21 отсто. Најчеста форма на злоупотреба било изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а биле регистрирани и случаи во кои од децата било барано да споделуваат фотографии или видеозаписи на кои се прикажани нивните интимни делови.

Последиците врз децата се сериозни. Истражувањето покажува дека оние кои биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања. Кај нив биле забележани и значително повисоки нивоа на анксиозност, како и чувства на срам, губење контрола, стрес и тешкотии со спиењето. Иако 88 отсто од децата му кажале на некого за злоупотребата, само мал дел се обратиле до формалните институции. Само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центар за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале со линија за помош.

На презентацијата на извештајот, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени оцени дека истражувањето претставува важен чекор во разбирањето и адресирањето на ризиците што дигиталната средина ги носи за децата. Тој нагласи дека брзата дигитализација носи големи придобивки, но отвора и нови можности за злоупотреба и експлоатација, поради што е потребен координиран пристап на институциите, стручната јавност и граѓанското општество.

Исени посочи дека извештајот дава насоки за унапредување на законската рамка, поддршка на професионалците кои работат со деца и зајакнување на механизмите за превенција и заштита. Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, оцени дека наодите се длабоко загрижувачки и бараат итна и координирана реакција од институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и заедниците. Според неа, станува збор за „скриена криза“, бидејќи огромниот јаз меѓу распространетоста на злоупотребата и бројот на формално пријавени случаи покажува дека најголем дел од случаите остануваат невидливи за институционалните системи.

Милер нагласи дека одговорноста за заштитата на децата не може да биде префрлена врз самите деца, туку е обврска на возрасните и институциите да спречат злоупотреба, навреме да реагираат и да обезбедат безбедна средина и онлајн и во реалниот живот. Истражувањето „Disrupting Harm“ е дел од повеќедржавна програма финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, Интерпол и Истражувачката и прогностичка канцеларија на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.

Најнови вести од: Македонија

Ковачевски шефот Филипче за изградба на дата-центри во Македонија

Реакцијата на Ковачевски следува откако сите девет советници во Пехчево вчера едногласно гласаа против иницијативата на приватен инвеститор за почнување постапка за урбанистичка документација за дата-центар, а петседателот на СДСМ Венко Филипче повика да се сопре изградбата.

Симов: Да бидеш против дата центар е исто како да си против хидроцентрали и енергетска мрежа пред 100 години

Претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов во објава на Фејсбук вели да се биде против дата центар денеска е исто како да се биде против хидроцентрали и енергетска мрежа пред 100 години.

Во Грција годинава изречени 741 казна од 1,2 милиони евра за предизвикување пожари и биле уапсени 314 лица

Од 1 јануари годинава до денес според податоците од противпожарната служба на Грција, 89 отсто од случаите се однесуваат на пожари предизвикани од невнимание, за што биле уапсени 279 лица, а 35 лица (11 проценти) биле уапсени за намерно предизвикани пожари.

Николоски: Градиме нов автопат, за подобро поврзување со Косово и Црна Гора, ја градиме Македонија

Проектот ќе донесе развој и посилно регионално поврзување, отворајќи нови можности за пристап до пристаништата Драч и Бар и дополнително зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како транспортна раскрсница на Балканот.

To top