Ален Рустемовски ѝ го донесе на Македонија петтиот медал на 20. Медитерански игри во Таранто, трет бронзен, но генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, Ѓорѓи Тасев, како и Боксерската федерација на Македонија поднесоа жалба до Светската боксерска федерација за поразот во полуфиналето.
Македонскиот боксер беше поактивен и зададе повеќе чисти удари, но дури четворица од петтемина судии му дадоа предност на Шпанецот Марин Ернандез, а само Азербејџанецот Фархад Рахманов гласаше во прилог на Рустемовски, додека Кореецот Ми Хје Ким го прогласи Ален за подобар во третата рунда.
„Дефинитивно очекував победа, и тоа со максимална разлика од 5:0, но судиите не знам што гледаа. Судиската одлука беше многу неправедна“, изјави 22-годишната голема надеж на благородната вештина во Македонија по борбата.
Според правилата, конечна одлука за жалбата на Македонија, а со тоа и за финалистот во категоријата до 60 килограми мора да биде донесена до крајот на денот.