Во анализа со наслов ,,НОВ ДАТАЦЕНТАР? МАЛКУ ПОВЕЌЕ ПРАШАЊА”, Божидар Спировски познат како Q Spirovski na социјалната мрежа Х поранешен Твитер поставува поинакви дилеми од сега постоечките во врска со изградба на Дата Центри во Македонија.
Божидар Спировски е истакнат македонски експерт со повеќе од 25 години искуство во областа на сајбер безбедноста и информатичката технологија. Тој е препознатлив по својот ангажман за подигање на јавната свест за дигиталните ризици, како и по менторството на млади инженери.
За разлика од политичарите и други самонаречени експерти на темата кои зборуваат сано за струјата и водата потребни за Дата центрите, Спировски анализира други клучни параметри важни за прашање.
Целата анализа е преземена од неговиот Линкдин профил:
Главниот аргумент за нов датацентар во Македонија е суверенитет на податоците и развој на бизнисот. Аргумент за поздравување, ако може да се постигне.
Нема да влезам во дебатата колку вода ќе треба за ладење, колку струја ќе троши и дали ја имаме, ниту на кое ниво ќе биде корупцијата. За тие теми има доволно стручњаци на социјалниве мрежи. Би сакал да размислиме за нешто друго: за управувањето и употребата на датацентарот.
Овој текст се обидува да ги прикаже практичните реалности и теми кои мора да бидат добро обмислени за секој датацентар. Бидејќи датацентарот не е зграда, туку производ кој треба да се одржува.
Не е само хардвер:
Податоците се корисни само ако се во форма од која може да се извлече информација. Тоа значи бази на податоци, email сервиси, фајл системи, апликативни сервери. Наеднаш датацентарот не е куп хардвер, струја, ладење и ПП системи, туку цела серија апликативни платформи. Дали е предвидено овие платформи да се постават како дел од функциите и услугите?
Флексибилно управување:
Дури и секој корисник сам да си ги поставува решенијата, датацентарот мора да обезбеди платформа за менаџирање на закупените системи и да ГАРАНТИРА дека нема преклопување на пристап – ни на ниво на корисници, ни на процеси, ни на апликации. Датацентарот мора да понуди флексибилини и различни нивоа на изолација, не само виртуелни машини или цели сервери, некој ќе сака да комбинира од овие два типа на изолација, некој ќе сака комбинација па дури и техники како serverless. Мрежата мора да гарантира поврзување и изолација од други корисници независно колку е комплексна комбинацијата на изолација и сервиси на корисниците.
Трошоци за лиценци:
Голем дел од апликативните платформи некој ги лиценцира. Не, не е сѐ базирано на open source, далеку од тоа. Кога ќе се преселат овие платформи во сервери на новиот датацентар може да се променат процесори или активна меморија или некоја друга метрика по која се лиценцира софтверот. Oracle, Microsoft, Broadcom, сите имаат такви лиценцни модели, и миграцијата наеднаш може да ја смени цената.
Напредни функции во датацентарот: Покрај основните инфраструктурни или платформски сервиси, големите датацентри нудат и едно множество на услуги кои денес се скоро суштински – како системи за безбедно и контролирано управување со енкрипциски клучеви, системи за менаџирање со тајни параметри кои се инјектираат во меморија на компјутерот, автоматски детекции и заштити и високо ниво на мониторинг на статусот на секоја компонента за бизнисот да знае кој е статусот на неговите услуги.
Каде се податоците, а каде правно оперира компанијата: Ако објектот го гради и оперира странска фирма, податоците се во Македонија а јурисдикцијата е можеби не е. Прашањето е и каде е серверот, ама и кој има администраторски права и пред чиј правен систем и агенции одговараат.
Disaster Recovery: Суверенитетот мора да се изевде со соодветно ниво на достапност и отпорност на испади. Ако системите ги ставиме во еден датацентар а тој испадне (да, тоа секако може да се случи и се случувало многу пати) тоа значи дека едно чудо национални системи и бизниси ќе бидат испаднати. Естонија оди во спротивна насока: репликација на критичните регистри во Луксембург, со дипломатски статус. Нивната отпорност е обезбедена со тоа што податоците ги НЕМА само дома, а Луксембург е дел од ЕУ што е во ист домен на суверенитет. Disaster Recovery не е технички детал туку сериозна тема која може да го дуплира буџетот – втор датацентар, доволно далеку, на друга мрежа, друго напојување и друга оптичка траса.
Кои податоци и корисници се замислени за овој датацентар? Нема одговор на ова прашање. Немаме воопшто информација колку и кои институции се мигрирани кон тековниот државен датацентар во Прилеп. Дали корисниците на овој нов датацентар се државни регистри, здравство, судство, одбрана, и колку миграцијата кон овој центар за вакви институции се реални. Приватниот сектор во огромно мнозинство нема законска обврска да воспостави локален суверенитет на податоците, напротив се обидуваат да ги мигрират кон ЕУ правен простор за полесен пристап до ЕУ клиенти.
Трошок за миграција: И за приватниот и за државниот сектор, дали трошокот за миграција кон нов дата центар е прифатлив и воопшто возможен? Миграција значи дека нивните тековни воспоставени системи треба да бидат префрлени, со сите свои функционални интеграции. Ова не е тривијален процес, посебно за комплексни системи од кои се очекува да се постојано достапни и кои обезбедуваат услуги за стотици илјади луѓе. Ќе има повеќе итерации на планирање и тестирање, и сите овие процеси чинат многу пари. А притоа има и системи кои се толку стари што никој не знае ни да ги управува или промени бидејќи се развиени на застарени платформи, истекол договорот за одржување и ги чуваат функционални по принципот “не пипај”.
Имаме ли тековни датацентри во кои може да се воспостави суверенитет на податоците? Ќе речам да , телекомите имаат датацентри за комецријален закуп а и државата го има државниот датацентар во Прилеп. Колкава им е искористеноста? Кој конкретно се обврзал да закупи, по која цена, на колку години? Ако одговорот за новиот датацентар е „ќе го изградиме и корисниците ќе дојдат”, тоа не е бизнис план туку надеж. Ако зборуваме за суверенитет на податоците, зошто не процениме кога овие капацитети ќе бидат пополнети за да се планира дали треба нов датацентар.
Кој ќе ги одржува системите на датацентарот? Во датацентар работите постојано се расипуваат и редизајнираат, а минимизација на латенција подразбира постојан мониторинг. 24/7 значи смени, значи десетина луѓе само за дежурства, плус мрежни, безбедносни и платформски тимови. Секој од нив во моментов може да работи за странски компании, и брзо да сменат позиции. Хардвер се купува за шест месеци. Тим се гради за две години и се губи за три месеци.
Ќе правиме „AI датацентар”: Toa е сосема друго животно, со нови проблеми: густина на процесна снага е неколкукратно повисока, што повлекува поинакво ладење и напојување, но и набавка на GPU кои во моментов се прилично недостапни. Овој хардвер се амортизира и станува бескорисен многу брзо, за 2-3 години наместо 5. Кој ќе ги обновува GPU во следниот буџет? Градењето на суверен LLM модел е добра идеја, но тоа вклучува многу работа на суверен корпус на знаење – лиценциран, дигитализиран, исчистен, правно расчистен. А за тој напор веќе ја имаме Везилка.
Што правиме со опортунитетниот трошок? Нашите државни податоци се во силоси, ненормализирани, дупликати, дел и на хартија. Тоа тесно грло не се решава со зграда. Се решава со интероперабилен слој, дигитален идентитет и законска рамка — точно она што Естонија го направи, за драстично помалку пари. Прашањето е едноставно: дали истите пари во потполна интеграција и дигитализација би дале повеќе вредност за граѓаните?
Кои се метриките со кои се очекува да бидат реализиран: Искористеност на датацентарот во третата година од користење. Процент од опремата/датацентарот кој го користат државни и комерцијални организации. Приход наспроти оперативни трошоци. Број на технички работни места што не се обезбедување и хигиена.
Дали сме спремни да го одржуваме со години? Ништо од овие активности не е проект, туку постојана работа со години. Има ли буџет, воља, енергија, корисници, вработени и стратегија овој датацентар да биде клучен елемент на техничкиот екосистем во Македонија во наредните 10-15 години
Не сум против изградба на нов датацентар. Но сум против изградба на датацентар кој ќе биде малку искористен, а во него ќе се инвестира огромна сума на пари и потоа ќе биде оставем пополека да замира. Ајде да започнеме со разговор колку сме подготвени да одговориме на сите теми погоре, пред да се фрлиме во изградба затоа што сите други градат.
39
2 Comments
Miroslav Jovanović, graphic
Miroslav Jovanović
9h
Мислам дека прво треба да направиме дистинкција какви сервиси нудат дата центрите. Тоа може да бидат клауд сервиси, што текстот во најголем дел ги покрива и адресира, но истите може дополнително да се поделат (IaaS, PaaS, SaaS).
Дата центрите исто така може да се нудат и услуги на колокација, која пак исто така може да има неколку варијанти, од обичен простор, кафез, до ракови со напојување, УПС подготвени да примат сервери и итн.
Дата центрите во принцип треба да се приватна иницијатива, што ќе значи финансирани и деловниот ризик и можност не се на државен/народен трошок.
Законското уредување треба да го регулира суверенитетот на податоците и јурисдикцијата врз дата центрите, како и делот околу ефикасноста и користењето на природните и енергетски ресурси (земја, вода, енергија, влијание врз животната средина, социо економско влијание и слично).
Државен дата центар е малку по инаков концепт, кој исто може да има варијанти, од ексклузивно за државни потреби (ДЦ-то во Прилеп?) или државно-комерцијален (како на пример во Крагуевац, Србија).
Градењето е една работа, оперирањето и одржувањето е сосема друга работа.
Хајперскелерите пак се сосема друга класа, така да има за секого и секоја потреба.
Треба да се размисли за комбинирана нуклеарна централа заедно со дата центар, во ЕУропска кооперација со некој од нашиве соседи или повеќе, нпр да се лади од Дунав, да е на територија на Србија или Бугарија а Македонија да е само учесник со капитал и власништво/дел. Малце сега лошо време зошто Дунав пресуши годинава ама друга толкава водна маса за ладење нема на Балканов.