Смртоносната поплава што во вторникот го погоди подрачјето во близина на границата меѓу Непал и Кина најверојатно била предизвикана од одрон на дел од глечер, кој се урнал во долината на околу 1.200 метри пониско. Тоа го покажуваат сателитски снимки на компанијата „Планет лабс“, кои ги анализирале експерти.
Непалските власти првично посочиле дека можен предизвикувач бил земјотрес регистриран неколку минути порано. Сепак, Американскиот геолошки институт (USGS) соопштил дека бил забележан потрес, но тој не бил од земјотрес, туку од одрон со сила еквивалентна на земјотрес со магнитуда од 5,2 степени.
Експертите што ги анализирале снимките наведуваат дека значителен дел од долниот фронт на глечерот се одвоил на надморска височина од околу 5.200 метри и паднал во долината, веројатно повлекувајќи со себе огромни количества карпи и седименти.
Геолозите укажуваат и на можноста за нагло топење на снегот, високите температури и градежните активности како фактори што можеле да придонесат за катастрофата. Сепак, допрва треба да се утврди дали климатските промени имале директна улога.
Властите стравуваат дека бројот на жртви може да биде многу поголем. Досега се пронајдени телата на најмалку 162 лица, додека повеќе од 500 туристи се водат како исчезнати, а вкупниот број на засегнати надминува 1.300 лица.
Најтешко е погоден планинскиот округ Расува, во кој живеат околу 50.000 луѓе и каде што се наоѓаат повеќе хидроенергетски проекти.
A horrific scene of severe flooding at the Rasuwagadhi border point on the Nepal-Tibet border.
The strong currents wreaked havoc across the area, leaving 400 pilgrims and 105 Indian tourists also missing in the Nepal floods.#NepalFloods #Nepal #Rasuwa #FlashFlood #Floods pic.twitter.com/dwAX12Gj7l— Ravi Pandey🇮🇳 (@ravipandey2643) August 26, 2026
Непалската Управа за управување со катастрофи потврдила дека поплавата настанала на реката Ленде по одрон, на околу 20 километри североисточно од границата со Кина.
Страшниот бран носел огромни количества вода, кал и камења низ речните системи Бхоте Коси и Тришули. Во областа Галчи нивото на водата се зголемило за дури девет метри за само 30 минути.
Сателитските снимки направени пред и по катастрофата покажуваат драматична промена на пределот. Некогаш зелената падина сега е затрупана со камења и урнатини.
Геолозите предупредуваат дека поплавите, одроните и другите екстремни појави на Хималаите стануваат сè почести и поинтензивни.
Размерите на трагедијата најдобро ги опишуваат сведоштвата на преживеаните.
Калпана Мала од Нувакот раскажала дека пред нејзини очи буицата ги однела нејзиниот татко, мајка, сестра и децата на сестра ѝ. Таа и нејзиниот син успеале да се спасат така што се искачиле на покривот од куќата.
– Оваа поплава однесе сè – рекла Мала.
Здравствен работник од Расува опишал сцени на целосно уништување и рекол дека петмина негови роднини се водат како исчезнати.
Населбите покрај реката се целосно разурнати, а многу семејства останале без домови, добиток и земјоделско земјиште.
Одронот од непалска страна го погодил и граничниот премин Ѓиронг во Кина, при што биле прекинати патиштата, телекомуникациските врски и снабдувањето со електрична енергија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг повикал на максимални напори за пронаоѓање на исчезнатите и зајакнување на системите за рано предупредување, со цел да се спречат нови катастрофи.
Devastating CCTV footage from the Chinese side of the Nepal-China border shows the massive flood sweeping through the area with incredible force, giving a stark glimpse of how suddenly it was struck. pic.twitter.com/s2eVfOzd7G
— Everest Today (@EverestToday) August 26, 2026