Неофицијално, од извори во правосудството expres.mk дознава дека се води предмет против екс претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од времето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски.
Според неофицијалните податоци истрагата е насочена кон потекло на имотот на Даница Чадиева кој се зголемил значително додека била на позицијата или откако и завршила функцијата.
Конкретно истражителите испитуваат недвижности кои се поврзуваат со Чадиева.
Објектите од интерес се наоѓаат во членка на ЕУ конкретно во Сплит, Хрватска, дознава expres.mk.
Даница Чадиева е дипломиран правник, адвокат и политички функционер во Македонија. Таа е препознатлива во јавноста преку неколку значајни функции и политички ангажмани меѓу кои најважна е функцијата Претседателка на Второстепена владина комисија.
Чадиева се наоѓаше на чело на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Нејзиното менаџирање со оваа институција во почетокот на 2024 година беше предмет на јавни реакции од политички партии и медиуми поради пријави поднесени од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Таа беше избрана за претседателка на Општинската организација на СДСМ во Велес откако претходно беше активна во ЛДП (Либерално-демократската партија), каде ја извршуваше функцијата генерален секретар на Форумот на жени.
Како претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (попозната како Второстепена комисија), Даница Чадиева се соочи со неколку сериозни контроверзи и јавни обвинувања, главно концентрирани на почетокот на 2024 година.
Најекспонираниот случај поврзан со нејзиното работење вклучува пријава за дискриминација и вознемирување на вработен.
Најголемиот скандал во јавноста изби откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека Чадиева вршела дискриминација и долгогодишно вознемирување врз службеник вработен во самата Второстепена комисија.
Според официјалниот историјат на предметот, Чадиева му се одмаздувала на вработениот бидејќи тој одбил да одлучи по одреден предмет на начинот на кој таа му наредила.
Чадиева имаше судска пријава бидејќи одбила да постапи по укажувањата на КСЗД и не го вратила службеникот на работа во предвидениот рок а во февруари 2024 година против неа беше поднесена прекршочна пријава до Основнот кривичен суд Скопје. Случајот доби и потврда од Граѓанскиот суд, кој исто така утврдил дискриминација на работното место.
Чадиева се соочи и со обвинувања за партиски притисоци и мобинг кога беше обвинета дека ја узурпирала институцијата што треба да ги штити граѓаните од самоволието на власта. Изнесени беа тврдења дека вработените во Второстепената комисија се наоѓале под постојан мобинг да одлучуваат по предмети по нејзина лична партиска директива. Истовременото вршење на висока државна функција и функцијата претседател на Општинската организација на СДСМ Велес беше потенцирано како директен конфликт на интереси и партизација на органот.
Со Чадиева беа поврзани спорни именувања на членови во Комисијата.
Во периодот на нејзиниот реизбор, тогашното парламентарно мнозинство беше обвинето дека во рамките на Второстепената комисија именувало членови (конкретно беа посочени Ивана Шапкар и Весна Илиева-Лубуриќ) кои воопшто не ги исполнувале законските услови за да бидат дел од ова независно тело.
Во текот на 2024 година Чадиева беше дел од скандал при поништување на решение на МВР во Случајот Ропотово.
Имено, тогашниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски донел решение за суспендирање на командирот на полициското одделение во Ропотово, но Второстепената комисија под раководство на Чадиева експресно го поништила решението и го вратила командирот на работа, што во јавноста беше протолкувано како партиска заштита на кадри.
Чадиева беше обвинета од политичките ривали дека го наместила нејзиниот сопруг за адвокат на Велешката болница каде во еден период наплатил 6000 евра.