Во услови кога траат расправите околу тоа дали е потребна или, пак, е „опасна“ изградба на Дата-центар во околината на Пехчево, треба да се потсети дека Македонија веќе го има можеби најсовремениот центар за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи на Балканот, кој е изграден на два километри од Прилеп, во 2023 година.
Монументалниот објект, реализиран од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР), и со инвестиција вредна 11,5 милиони евра, претставува прв ваков државен проект во целиот регион.
Основната намена на центарот е да овозможи целосно зачувување и заштита на податоците од примарниот информатички систем во случај на природни непогоди (како земјотреси), човечки фактор, вандализам, тероризам или ненадејни падови во електричната мрежа.
Проектот за овој единствен објект е дело на белградското студио „1Х2 Студио“ предводено од архитектот м-р Зоран Абадиќ. Градбата е специфично конципирана со цел да понуди максимална физичка заштита:
Зградата, функционално е поделена на два дела, на кружен прстен за сместување на техничка опрема, инсталација и централно јадро, кое е сервер соба, додека кружниот прстен е исполнет со простории за сместување на машински, електрични и телекомонукациски инсталации, вклучувајќи и простории за провајдерот.
Останатиот дел од објектот е наменет за сместување на вработени лица, како мрежни техничари, оператори, обезбедување и сл.
Работното време е 24/7 часа, а пристапот е строго ограничен.
Сервер собата е како соба во соба и обезбедува највисок степен на физичка заштита. Вградените системи обезбедуваат сеопфатна заштита и безбедност на серверите, мрежните компјутери и системите за комуникација.
Основната структура на објектот е двојна бетонска конструкција од масивни армирани бетонски ѕидови, кои се исполнети со високо ефикасни изолациски материјали, кои гарантираат највисок степен на заштита од пожари.
Она што е особено интересно е дека сите структури на објектот, таванот, ѕидовите, покривот, се без какви било отвори.
Пристапот до објектот е строго забранет за кој било освен во официјални посети.
Освен дебелите ѕидови, просторот е дополнително ограден со ограда, постои 24-часовен видео надзор, како и дополнително, вооружено физичко обезбедување.