Македонија

Необичен предизвик за македонските и турските наставници: Од текстилен отпад до меки вештини

Во рамките на четиридневната студиска посета на осумчлена образовна делегација од Република Турција, предводена од İsmail GÜNDAY, директор на Директоратот за средно образование, беше реализирана работна посета на СУГС „Кочо Рацин“ – Скопје, која ги поврза стручното образование, практичното учење, развојот на меки вештини и одржливоста.

Во рамките на четиридневната студиска посета на осумчлена образовна делегација од Република Турција, предводена од İsmail GÜNDAY, директор на Директоратот за средно образование, беше реализирана работна посета на СУГС „Кочо Рацин“ – Скопје, која ги поврза стручното образование, практичното учење, развојот на меки вештини и одржливоста.

Посетата е дел од Erasmus+ проектот 2025-1-TR01-KA121-SCH-000344653, во чии рамки делегацијата од Директоратот за средно образование при Министерството за национално образование на Република Турција, во периодот од 24 до 27 август 2026 година, престојуваше во Македонија.

За време на посетата на СУГС „Кочо Рацин“, гостите имаа можност непосредно да се запознаат со работата на училиштето, образовните профили и условите во кои учениците ги развиваат своите стручни и практични компетенции.

Посебен интерес предизвика посетата на кабинетите за практична настава од текстилната струка, каде што беа презентирани начинот на организација на практичната работа, опремата и пристапите преку кои учениците ги поврзуваат теоретските знаења со конкретни практични вештини.

Посетата продолжи со искуствена работилница која покажа дека текстилот може да биде многу повеќе од материјал за практична работа – тој може да стане алатка за учење, комуникација, соработка, креативност и одржливост.

Искуствената работилница ја реализираше Катерина Златановска Попова, сертифициран обучувач за возрасни и претседател на МАТА – Скопје, која пред наставниците од СУГС „Кочо Рацин“ и гостите од Турција го претстави Erasmus+ проектот CRAFT2GROW и иновативниот пристап на проектот за развој на меки вештини преку рачни изработки, повторна употреба на текстил и принципите на одржливост.

Во фокусот на работилницата беа две од клучните вештини опфатени со едукативните материјали развиени во рамките на CRAFT2GROW – комуникацијата и тимската работа.

Македонските наставници и гостите од Турција работеа во мешани тимови, а пред нив беше поставен креативен предизвик: од достапниот текстилен отпад да создадат уникатно уметничко дело.

Задачата бараше членовите на секој тим да разменуваат идеи, активно да се слушаат, да донесуваат заеднички одлуки, да ги распределат улогите и задачите, да ги надминат јазичните и културните разлики и заеднички да стигнат до финален производ.

На тој начин, комуникацијата и тимската работа не беа тема за која се зборува – тие станаа искуство низ кое учесниците учеа.

Истовремено, текстилниот отпад доби нова вредност и нова функција, покажувајќи како принципите на повторна употреба и одржливост можат природно да се интегрираат во образовниот процес.

Работилницата создаде простор во кој наставници од две земји, со различни професионални и културни искуства, работеа кон иста цел. Токму ваквите активности ја покажуваат вредноста на Erasmus+ програмата – не само како можност за мобилност, туку и како простор за размена на методологии, учење едни од други и создавање нови професионални врски.

Студиската посета на делегацијата од Република Турција опфати и работни средби со повеќе релевантни институции и организации од образовниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои МАТА – Скопје, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Центарот за образование на возрасни, Центарот за развој на стручното образование и обука, Министерството за образование и наука – секторот за средно образование, Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образованието.

Средбите овозможија размена на искуства за актуелните образовни реформи, стручното образование и обука, образованието на возрасни, развојот на наставните програми, професионалниот развој на наставниците, дигитализацијата и инклузијата, како и за создавањето безбедни и поддржувачки училишни средини, превенцијата од насилство и сајбернасилство и унапредувањето на благосостојбата на учениците. Воедно, беа разгледани и можностите за понатамошна меѓународна соработка и размена на добри практики.

Посетата на СУГС „Кочо Рацин“ и заедничката CRAFT2GROW работилница, сепак, дадоа една особено важна практична порака: вештините за иднината најдобро се развиваат кога учењето излегува од рамките на теоријата и се претвора во заедничко искуство, создавање и соработка.

Повеќе информации за проектот CRAFT2GROW се достапни на веб-страницата на МАТА – Скопје:
www.matacraft.org.mk

Едукативните материјали развиени во рамките на проектот се отворени за користење од страна на сите заинтересирани корисници и се достапни на:
www.eduplatform.mk

 

Најнови вести од: Македонија

Китановиќ да го повлече ставот за Ратко Младиќ или да си замине од функција

Скандалозна објава со која се велича осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, по смртта на поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој почина во Хаг каде издржуваше доживотна затворска казна

Македонија веќе има еден дата-центар

Основната намена на центарот е да овозможи целосно зачувување и заштита на податоците од примарниот информатички систем во случај на природни непогоди (како земјотреси), човечки фактор, вандализам, тероризам или ненадејни падови во електричната мрежа

Димитриеска-Кочоска: Ја зајакнуваме контролата врз јавните пари

За прв пат во Македонија ќе се одржи национален испит за добивање сертификат за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор За прв пат во Македонија ќе се одржи национален испит за добивање сертификат за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор

Напаѓаат сè што е добро за државата, знаат само за „развој“ на марихуана

Од она што го гледавме во време на нивното владеење тие знаат само за развој на марихуана Македонија, за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ развива индустрии како онаа со дата центрите, кои се иднината на Македонија

To top